Испораките на рускиот гас до Европската Унија (ЕУ) се значително намалени, но, тоа не е последица на дејствувањето на Русија, туку на антируските санкции и потезите на Полска и Украина, се наведува во денешното соопштение на руската Амбасада во Берлин, јавија руски медиуми.

Снабдувањето на ЕУ со руски гас е значително намалено, но, тоа не е предизвикано со дејствувањето на Русија, туку последица е на антируските санкции“, пишува во соопштението на руската дипломатска мисија во Германија.

Според Амбасадата, Полска ги запрела испораките низ гасоводот Јамал – Европа, а Украина го намалила транзитот низ нејзината територија.

Во соопштението се додава дека „сертификацијата на гасоводот Северен тек 2, што е целосно подготвен за работа и ги помина сите потребни технички проверки, запрена е од германска страна поради политички причини“.

Гасоводот Северен тек 1 работи со 20 отсто од својот капацитет, бидејќи од шест Сименс турбини (пет во функција и една во готовност) на пумпната станица за гас Портоваја, моментално работи само една. На останатите им е потребно планирано одржување и поправка или не се во функција. Сименс енерџи добро е запознаен со оваа ситуација“, тврдат од Амбасадата.

Северен тек 1, главната рута за снабдување со гас од Русија до Европа, работи со ограничувања од средината на јуни. Од крајот на јули работи со само 20 отсто од своите речиси 170 милиони кубни метри пропусен капацитет дневно.

Руската страна повеќепати нагласуваше оти испораката е ограничена исклучиво поради санкциите, што предизвикаа проблеми со одржување и поправка на гасните турбини на Сименс.

Европската Унија тврди дека Русите манипулираат со испораките како дел од политички и економски притисоци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.