Во време кога цените на бензините ширум САД продолжуваат да растат, Американците бараат поевтини начини да ги наполнат резервоарите, а некои дури „прават бизнис“ во друга земја.

Во американската држава Калифорнија, која постојано е рангирана како една од оние со највисоки цени на бензинот во земјата, некои граѓани одат преку границата во Мексико со цел да заштедат, објавува „Би-Би-Си“.

Цената на бензинот во САД беа во пораст уште пред војната во Украина кон крајот на февруари.

Според американското Министерство за труд, цените на бензинот пораснале за 40 отсто во периодот од јануари 2021 година до јануари 2022 година.

Русија е трет по големина производител на нафта во светот, а поради војната, бензините поскапеа во САД и на други места во светот.

Според Американското здружение за автомобили (ААА), на почетокот на овој месец, просечната цена на малопродажниот галон бензин достигна 4,33 долари, достигнувајќи го највисокото ниво во последните 14 години. Просечната цена на бензинот во Калифорнија моментално е 5,91 долари за галон и 4,24 долари за галон на национално ниво.

Затоа, пак, во Мексико е поинаку.

Претходно овој месец, мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор вети дека ќе ги контролира цените на бензинот со субвенционирање на горивото.

Жител на Сан Диего, Хулио Вакеро, кој живее на само 23 километри од границата, на ТикТок објави видео, на кое се гледа како во Тихуана го наполнил резервоарот на својата Хонда „Сивик“ за само 40 долари.

Осумстотини пезоси и еве го, полн резервоар – вели тој, покажувајќи го екранот на пумпата на бензинската пумпа, а потоа и таблата со инструменти со полн резервоар на автомобилот.

Краткото видео на ТикТок има повеќе од 2.000 допаѓања.

Тој за „Би-Би-Си“ вели дека една недела подоцна платил 70 долари за да наполни резервоар во Калифорнија.

Вакеро живее на околу 20 минути од Тихуана и има намера да оди во тој мексикански град секој втор месец. Тој додава дека ако цените продолжат да растат или останат на исто ниво, ќе почне неделно да оди во Мексико за поевтин бензин.

Кога ја пресметал цената за галон, тој вели дека сфатил оти речиси шест долари за галон во Сан Диего во споредба со 3,75 долари за галон во Мексико се кражба.

Вакеро вели дека цената во „Пемек’, мексиканската државна компанија, била дури и пониска од 3,30 долари за галон.

Друг жител на Јужна Калифорнија, Кен Барнс, за „Би-Би-Си“ вели дека, иако тој и неговата сопруга во моментов не одат во Мексико специјално за да точат бензин, тие „намерно избегнуваат да го наполнат резервоарот во САД пред да заминат“ во соседната земја.

Барнс живее на околу 30 милји од границата.

Тој вели дека ако планира да оди во Мексико, сигурно ќе ја „премине границата и ќе го наполни“ резервоарот таму.

И покрај високите цени, побарувачката за бензин продолжува да расте на национално ниво, објавува „ГасБади“, кој обезбедува увид во реално време за цените на бензинот.

Во средината на март побарувачката порасна за 2,9 отсто, иако не е јасно зошто тоа се случува.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.