По околу 10 години интензивни преговори, Италија и Албанија денеска го финализира меѓусебното признавање на социјалното осигурување, односно заемното признавање на пензиите.

Овој долгоочекуван договор за албанските граѓани кои живеат и работат во соседната земја, во Рим, го потпишаа министерот за надворешни работи на Италија Антонио Тајани и албанскиот министер за Европа и надворешни работи Игли Хасани. Се очекува имплементацијата да започне со околу четири илјади пензии годишно, а од година в година да продолжи да се зголемува. Една од главните придобивки е спојувањето на периодите за придонеси, објави Топ чанел.

Во врска со ова прашање реагираше и премиерот Еди Рама преку објава на социјалните мрежи наведувајќи дека од овој договор со Италија корист ќе имаат 500 илјади албански државјани во Италија и илјадници италијански државјани во Албанија.

Добра вест денеска од Рим, каде се потпиша финалниот документ од долгоочекуваниот договор за заемно признавање на социјалното осигурување. Директни корисници на овој договор се над 500 илјади албански државјани во Италија и илјадници италијански државјани во Албанија. Ви посакувам убав ден, пишува Рама.

Според Топ чанел, Италија е 17. земја со која Албанија има потпишано вакви договори, додека во процес на преговори е со 17 други земји.

По потпишувањето, Договорот ќе биде ратификуван од двете држави, во согласност со нивните соодветни процедури, а инструментите за ратификација ќе бидат разменети што е можно поскоро.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.