Откако фудбалскиот клуб Наполи го обезбеди освојувањето на титулата во Серија А, прва по 33 години, деновиве целиот град Неапол е претворен во една голема забава. Но, не минува се во родост и дух на прослава. За време на прославите е убиен синот на еден од шефовите на неаполската мафија – Камора.

Како што објавија италијанските медиуми, убиен е Винченцо Костанцо (26), кој има „значајно“ криминално досие во италијанската полиција, а за време на прославите на улиците на Неапол бил застрелан. Починатиот бил син на Маурицио Костанцо, осуден за мафијашко здружување и кој се смета за еден од водачите на Камора во областа Понтичели, место каде што има големо непријателство меѓу различните кланови.

Како што потврдиле од италијанската полиција, Костанцо починал во болница како последица на раните нанесени од куршумите. Обвинителите и италијанските карабинери истражуваат дали тој бил убиен од ривалски клан Камора или, пак, тој бил жртва на случајно пукање, со оглед на тоа што во некои градови на југот на земјата, вообичаено е луѓето да слават пукајќи во воздух.

Клаудио Паломба, префект на градот, за „Газета дело спорт“ изјави дека смртта на младиот човек не е поврзана со прославите, а на сличен начин, пред микрофоните на „Радио Анчио“ се изјасни и градоначалникот на Неапол, Гаетено Манфреди.

Оваа смрт има врска со динамика која нема никаква врска со веселбите. Веројатно тоа беше пресметка што ја искористила некоја криминална група, изјави Манфреди.

Десетици илјади луѓе излегоа на улиците да ја прослават третата титула, прва по 33 години, титула на нивниот тим, но прославата мина со црн биланс од над сто луѓе, кои морале да бидат однесени во болница, вклучително и млади луѓе со повреди на рацете и телото од огномет, убодни рани и повреди од тепачки.

Меѓу повредените е и 20-годишна жена во која удрил автомобил, како и тројца полицајци, кои минале со полесни повреди.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.