Падот на производствената активност во еврозоната се продлабочил во април, бидејќи побарувачката продолжи да слабее, покажа извештајот на S&P Global во четвртокот, одразувајќи остар контраст во темпото на активност меѓу групата на „големите“.

Индексот на менаџерите за набавки во еврозоната (PMI) паднал во април за 0,4 поени во однос на март, лизгајќи се на 45,7 поени, што е најниско ниво во последните четири месеци, објави Хамбуршката комерцијална банка (HCOB), која го составува извештајот за S&P Global.

Вредноста на индексот на тој начин останува под нивото од 50 поени 22-ри месец со ред, што сигнализира речиси двегодишен пад на активноста.

Во групата водечки економии на еврозоната, Шпанија бележи најдобри резултати, според вредноста на PMI над 50 поени. Пад забележаа Франција, Италија и Германија.

Темпото на шпанската економија се разликува од динамиката на еврозоната како целина, со оглед на континуираниот раст на индустриската активност трет месец со ред и забрзувањето во април. Позитивната (шпанска) динамика е во остар контраст со лошите резултати во Германија, Франција и Италија, истакнува економистот на HCOB, Сирус де ла Рубија.

Разликата може постепено да се намалува во наредните месеци, поддржана од поволното глобално опкружување, забележува тој.

Континуираниот пад на новите нарачки сигнализира дека не треба да се очекува пресврт во блиска иднина. Индексот што ја мери побарувачката на индустриски стоки во еврозоната падна во април на најниско ниво во последните четири месеци.

Што ќе ја спаси економијата на еврозоната? Тоа е тешко прашање, јасно е само дека тоа сигурно нема да биде производствениот сектор, заклучи Де ла Рубија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.