Москва се закани дека рускиот одговор ќе биде брз и ќе се почувствува во најчувствителните области на Западот. Руската економија се соочува со најголемата криза од 1991 година и распадот на Советскиот Сојуз, бидејќи Западот воведе санкции за речиси секој финансиски и корпоративен сектор поради инвазијата на Украина, пишува Ројтерс.

Од друга страна рускиот престедател Владимир Путин вчера потпиша указ со кој ја обврза руската влада во наредниве два дена да го направи списокот на суровини кои ќе бидат забранети за испорака на потребите на западните држави.

Реакцијата на Русија ќе биде брза, внимателна и чувствителна за оние на кои ќе се однесува, изјави Дмитриј Бирчевски, директор за економска соработка во руското Министерство за надворешни работи, пренесува руската новинска агенција РИА.

Американскиот претседател Бајден воведе забрана за увоз на руска нафта и други енергетски извори како одговор на руската инвазија, која Москва ја нарекува „специјална воена операција“ чија цел е „деназификација“ и „демилитаризација“ на Украина.

Русија претходно оваа недела предупреди дека цената на нафтата може да надмине 300 долари за барел доколку САД и ЕУ забранат увоз на сурова нафта од Русија.

Москва соопшти дека Европа користи околу 500 милиони тони нафта годишно. Русија го снабдува со 30 отсто од таа количина или 150 милиони тони, како и со 80 милиони тони петрохемиски производи.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека „специјалната воена операција“ е од суштинско значење за руската безбедност, бидејќи САД го зголемија военото присуство на НАТО во близина на границите на Русија и ја поддржуваат прозападната влада во Киев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.