Белорускиот претседател, Александар Лукашенко, изјави дека го предупредил шефот на паравоената група „Вагнер“ Евгениј Пригожин дека е во опасност да биде убиен.

-Последниот пат кога полетавме за Емиратите, добив многу сериозни информации за обидт за атентат врз Евгениј Пригожин. Во рок од два часа го најдоа рускиот амбасадор во Емиратите и го повикаа кај мене, изјави Лукашенко, пренесен од белоруската агенција Белта.

Тој додава дека на рускиот амбасадор му ја пренел шифрираната порака за Владимир Путин и шефот на ФСБ, Александар Бортников, „за обид за атентат врз Пригожин“.

Лукашенко објасни дека по извесно време Пригожин му потврдил дека рускиот претседател го предупредил дека му се заканува обид за атентат.

Белорускиот претседател посочи дека од своја страна тој исполнил се што му ветил на „Вагнер“, па дури и „повеќе од тоа“.

-Вчера, по моја наредба, „Вагнер“ беа контактирани од КГБ и ја добија пораката – „ќе исполниме се што е договорено меѓу Пригожин и мене“, изјави белорускиот претседател.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.