Францускиот претседател Емануел Макрон за една недела го зголеми рејтингот за четири процентни поени и ја надмина границата од 30 отсто, благодарение на ангажманот за смирување на војната во Украина. Анкетата на Ипсос-Сопра-Стерија покажува дека доколку сега се одржат претседателски избори, тој би бил прв во првиот круг пред Марин Ле Пен, Валери Пекрес и Ерик Земур, чиј рејтинг се намалува. Во вториот круг, Емануел Макрон би победил против Марин Ле Пен (59 отсто против 41 отсто) и пошироко против Ерик Земур (65 отсто-35 отсто), јави дописникот на МИА.

Ако куповната моќ останува главната грижа на Французите (52 отсто), војната во Украина, која започна на 24 февруари, сега е на второ место (33 отсто) пред животната средина (28 отсто) и здравствениот систем (26 отсто).

Дури 90 отсто од испитаниците се „прилично“ или „многу загрижени“ за влијанието на војната во Украина (+ 2 поени за една недела), а 76 отсто стравуваат од „можен нуклеарен конфликт“.

На претседателот во заминување, сега кандидат за реизбор, му се припишуваат 30,5 отсто од намерите за гласање во првиот круг, со што доби четири поени во споредба со претходното истражување на истиот институт Ипсос-Сопра-Стерија на крајот на февруари, пред кандидатите на екстремната десница Марин Ле Пен (14,5 отсто, -1) и Ерик Земур (13 отсто, -2). Рејтингот на Валери Пекрес продолжува да паѓа (11,5, -1),, па таа заостанува зад кандидатот на радикалната левица Жан-Лук Меланшон (12 отсто, +0,5).

Кај левицата, екологистот Јаник Јадот (Зелени) е стабилен со 7,5 отсто, пред комунистот Фабиен Русел, стабилен со 4 отсто, социјалистката Ан Идалго, останува стабилна со 2,5 отсто по откажувањето на Кристијан Тобира.

Во вториот круг, Емануел Макрон би победил против Марин Ле Пен (59 отсто против 41 отсто) и пошироко против Ерик Земур (65 отсто-35 отсто).

Намерите за гласање не претставуваат прогноза за исходот од гласањето. Тие даваат индикација за односот на силите и динамиката на денот на истражувањето. Анкетата спроведена онлајн на 2 и 3 март 2022 година, меѓу 3.599 лица запишани на изборните листи, од репрезентативен примерок на француската популација на возраст од 18 и повеќе години, според методот на квоти. Маргина на грешка помеѓу 0,5 и 2 процентни поени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.