Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок во петокот ги отфрли повиците за разговори со рускиот претседател Владимир Путин за ставање крај на конфликтот во Украина, и тоа истата недела кога германскиот парламент одби да ѝ испорача крстосувачки ракети „Таурус“ на Украина.

Германската министерка во Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк во петокот (23 февруари), меѓу другото, рече: „Русија, постојана членка на Советот, сака суверена држава да се откаже од своето право да постои. Каде ќе бевме ако овој принцип преовладуваше. Кој од нас би бил следниот што ќе биде нападнат од безмилосен сосед? Кога би попуштиле, тоа би бил крај за Повелбата на Обединетите нации“, па заклучи: „Затоа нема да ја прекинеме нашата поддршка за Украина, ниту сега ниту утре. Ние стоиме покрај Украина“.

Затоа министерката Баербок отфрли секаква можност за преговори со Путин.

Во саботата (24 февруари) министерката Баербок ја посети Одеса, Украина. Во придружба на украинскиот колега Дмитри Кулеба, Баербок се обиде да ги оправда истовремените повици до Украинците да продолжат со борбите и одбивањето на нејзината коалиција да им ги испорача крстосувачките ракети „Таурус“ на Украинците велејќи дека прашањето е сè уште отворено. Тоа е слаба утеха за Украинците, на кои им снемува сè, па и оружје и муниција.

Аналена Баербок не е само министер за надворешни работи, туку е и истакнат член на Зелените, една од трите партии што ја сочинуваат коалицијата „Семафор“. Другите две се социјалдемократите и либералите. До 22 јануари 2022 година таа беше копретседател на Зелените со Роберт Хабек (актуелен вицеканцелар и министер за економија). И покрај отказот, и двајцата задржаа силно влијание во партијата.

Иако надворешната политика не беше приоритет за германските „зелени“ до последните парламентарни избори, Баербок сепак се согласи да биде министер за надворешни работи. Без речиси никакво искуство во оваа област, таа стана министерка на 8 декември 2022 година. Помалку од три месеци подоцна, Русија почна масовна агресија против Украина. И оттогаш им траат маките на министерката Баербок и коалицијата „Семафор“ што да ѝ се даде на Украина?

Берлин секогаш може да се осврне на фактот дека, по САД, тие обезбедија најмногу воена помош за Украина. Според пресметката на Килскиот институт за светска економија, Германија до 16 февруари оваа година ѝ дала на Украина оружје, муниција и друга воена опрема во вредност од 17,7 милијарди евра. Неодамна вети дека ќе испрати уште 7,1 милијарди евра оваа година, вклучувајќи 36 самоодни хаубици, 120.000 гранати од 155 мм, две батерии од противвоздушниот артилериски систем „Скајнекс“ (првенствено наменети за уништување дронови „камикаѕе“ и крстосувачки ракети) и дополнителни проектили за ракетниот систем ПЗО ИРИС-Т.

Засега на списокот нема тенкови или борбени возила на пешадијата. Не така одамна на Украина ѝ беа ветени 300 „Леопард 2“. Таа доби 105. Наместо „Леопард 2“, украинската армија мораше да се задоволи со 200 одамна застарени „Леопард 1А5“. Ако е вистина дека украинската армија ги изгубила речиси сите „Леопард 2“, какви се шансите да ги преживее многу помалку заштитените „Леопард 1“?

Неодлучната политика на Германија кон Украина е само одраз на нејзината внатрешна безбедносна политика. Додека министерот за одбрана Борис Писториус се бори за зголемување на трошоците за одбрана и враќање на воениот рок, другите негови владини колеги, вклучително и канцеларот Олаф Шолц, прават се за да го забават тоа.

Соочени со суровата реалност дека германските вооружени сили во нивната сегашна состојба не се способни да ја бранат татковината или сојузниците во НАТО, Писториус до неодамна се залагаше за зголемување на распределбите на 2 % од БДП, само првпат да ја спомене во Минхен на безбедносната конференција неопходноста од зголемување на 3 или дури 3,5 % од БДП. Германија одвои 1,57 % од БДП за Бундесверот (официјално име на германските вооружени сили) во 2023 година, а со 68,58 милијарди евра во годинешниот буџет за распределба би достигнал 2,1 % од БДП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.