Генералното собрание на ОН усвои резолуција со која се повикува на итен прекин на огнот во Појасот Газа.

За усвојување на резолуцијата гласаа 153 земји, 10 беа против, а 23 членки на ОН беа воздржани. Израел и САД беа против.

Резолуцијата повикува на „итен хуманитарен прекин на огнот“, како и „сите страни да ги почитуваат своите обврски според меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право, особено во однос на заштитата на цивилите“. Одбиени беа два амандмана од САД.

Дополнително, се повикува на „итно и безусловно ослободување на сите заложници“ и „обезбедување пристап до хуманитарна помош“ до Појасот Газа. Нацрт-резолуцијата беше поднесена од група од 20 арапски земји и Организацијата за исламска соработка.

Израел е под притисок од своите сојузници поради конфликтот во Газа, при што клучниот поддржувач САД го критикуваше нивното бомбардирање како одговор на нападите на 7 октомври.

Американскиот претседател Џо Бајден на предизборен настан во Вашингтон нагласи дека Израел „…почнува да ја губи поддршката со неселективното бомбардирање“.

Повторувајќи ја поддршката на САД за Израел, тој додаде дека „безбедноста на невините Палестинци се уште предизвикува голема загриженост“.

Хамас ги нападна јужните израелски заедници на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи околу 240 заложници, според израелската влада. Оттогаш, 18.412 луѓе се убиени во израелски напади врз Појасот Газа, а најмалку 50.100 луѓе се повредени, според Министерството за здравство во енклавата управувана од Хамас. Најмалку 7.600 луѓе се водат како исчезнати, според канцеларијата за медиуми на Хамас.
Речиси 40.000 згради или околу 18 отсто од сите објекти пред конфликтот се оштетени или уништени во Појасот Газа од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас на 7 октомври, покажа проценката на ОН



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.