Jапонскиот премиер, Фумио Кишида, за време на неговата посета на Австралија, изјави дека евентуалната руска употреба на нуклеарно оружје би претставувала „чин на непријателство против човештвото“.

Руското заплашување за можна употреба на нуклеарно оружје „претставува сериозна закана за мирот и безбедноста на меѓународната заедница“ и е целосно неприфатливо – изјави Кишида, лидер на единствената земја во светот врз која беше фрлена атомска бомба од страна на САД, во летото 1945 година.

Во мај 2023 година, Кишида треба да биде домаќин на лидерите на Г7 во Хирошима, која беше погодена од американска нуклеарна бомба на 6 август 1945 година, при што загинаа 140.000 луѓе. Три дена подоцна, со нуклеарна бомба беше нападнат и јапонскиот град Нагасаки.

За јапонскиот премиер тој период од 77 години без прибегнување кон нуклеарно оружје „никогаш не треба да заврши“.

Ако нуклеарното оружје би се употребило еден ден, тоа би било чин на непријателство кон човештвото… меѓународната заедница никогаш не би одобрила таков чин – изјави тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.