Aмериканскиот државен секретар, Ентони Блинкен, кој е во посета на Литванија, порача дека САД имаат „света“ обврска според членот 5 од НАТО, кој гарантира заемна одбрана меѓу земјите-членки на Алијансата.

Повторувајќи ја решеноста на САД да ја бранат секоја педа од територијата на НАТО, тој нагласи дека Алијансата постојано ја разгледува својата одбранбена позиција, вклучително и дополнителното трајно распоредување сили што го бараат балтичките земји.

Никој не треба да се сомнева во нашата подготвеност, никој не треба да се сомнева во нашата одлучност – порача Блинкен на прес-конференција.

Тој додаде дека Русија сака да ја поткопа демократијата во Литванија и дека работи на поларизација на населението со кибер напади и кампањи за дезинформација.

Тоа е затоа што слободното, отворено, енергично и прогресивно општество што народот на Литванија го создаде по падот на советската окупација покажува дека тоа е можно кога луѓето го избираат патот на демократијата наместо автократијата – изјави Блинкен.

Неговиот литвански колега Габриелиус Ландсбергис повика на посилна одбрана на НАТО на балтичкиот регион и бара ембарго за продажба на руска енергија.

Енергенсите што ги увезуваме ја плаќаат воената операција на Русија. Не можеме да платиме нафта и гас со крвта на Украина – изјави Ландсбергис на прес-конференцијата со Блинкен.

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда го предупреди Блинкен дека неуспехот да се запре руската агресија врз Украина може да резултира со глобален конфликт.

Наузеда изјави дека Владимир Путин „нема да застане во Украина“ и дека светот има обврска да им помогне на Украинците „со сите можни средства“.

Навистина мислам со сите средства, ако сакаме да ја избегнеме Третата светска војна. Изборот зависи од нас – изјави Наузеда.

Блинкен ќе ги посети и Летонија и Естонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.