Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја опиша употребата на иранските беспилотни летала-камаикази од страна на руските сили во Украина како „застрашувачка“ и додаде дека САД и нивните сојузници сакаат да ja спречат испораката на таквото оружје.

Употребата на овие беспилотни летала за убивање на украинските цивили и уништување на инфраструктурата од која зависат е застрашувачка. САД, Канада и нивните сојузници заеднички работат за да го осудат, одвратат и спречат Иран да го испорача тоа оружје, изјави американскиот државен секретар за време на посетата на Отава.

Киев и неговите западни сојузници во последните неколку недели постојано ја обвинуваат Москва дека користи ирански беспилотни летала во нападите врз Украина.

Украина потврди дека околу 400 ирански беспилотни летала веќе се употребени, а Москва порачала околу 2.000.

Техеран ги отфрли обвинувањата.

Кога би ни било познато дека Русија употребува ирански беспилотни летала против Украина, сигурно немаше да бидеме рамнодушни кон тоа прашање, изјави неделава шефот на иранската дипломатија, Хосеин Амир Абдолахиан.

САД, Обединетото Кралство и ЕУ веќе воведоа санкции кон Иран поради проблемот со беспилотните летала.

Израелскиот претседател Исак Херцог во вторникот се согласи да сподели информации со САД кои покажуваат, според израелското разузнавање, дека иранските беспилотни летала се користат во војната во Украина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.