За четиринаесетгодишно девојче со пречки во развојот од Полска животот за неколку месеци се претворил во целосен пекол. Таа прво била силувана од нејзиниот вујко, а потоа било утврдено дека е бремена. И што е најлошо, лекарите во две болници одбиле да и направат абортус.

Иако 14-годишното девојче очигледно било жртва на сексуално малтретирање, лекарите категорично одбиле да и направат абортус, а не сакале ниту да и кажат каде може да изврши легален абортус, што е спротивно на законот, пишува „Дејли Мејл“.

Тетката на девојчето, која ја однела на лекар, вели дека кон неа се однесувале „брутално и нехумано“. Таа наведува дека дури им доставила и документација од обвинителот дека нејзината внука била силувана и дека абортусот ќе биде легален.

Ми рекоа дека тие нема да го извршат и дека не знаат каде може тоа да биде направено. Дрско ни рекоа да излеземе од нивната болница, вели тетката.

Таа потоа стапила во контакт со организацијата за репродуктивно здравје „Федера“, која и помогнала на младата девојка да замине во Варшава, каде што абортусот бил безбедно и успешно извршен.

Овој случај крена голема бура во полската јавност, бидејќи граѓаните на оваа земја со години се револтирани од законот за абортус, кој е на сила во нивната земја, а кој се смета за еден од најстрогите во светот.

Во Полска, прекинувањето на бременоста е легално само ако е резултат на кривично дело како што е силување или инцест или кога здравјето на жената е загрозено. Сепак, дури и тогаш, лекарите можат да одбијат да го извршат тоа од чисто етички причини.

Портпаролот на Министерството за здравство, Војчех Андрушевич, потврдил дека локалните болници не го почитуваат законот и дека е покрената истрага.

Ваков абортус или треба да се направи или да се определи место каде што може да се направи таков абортус, па затоа болницата постапила спротивно на законските одредби, вели Андрушевич.

Артур Плахта, гинеколог и член на Лекарската комора изјавил дека е револтиран од ваквото однесување на неговите колеги.

Се срамам од нив бидејќи не му помогнале на детето. Ова дете доживеа две трагедии: некој ја силувал, а тој некој е член на нејзиното семејство, а потоа лекарите не сакале да и помогнат, вели Плахта.

За овој случај се огласи и комесарот за права на пациентите, кој вели дека иако некои лекари можат да се повикаат на „клаузулата на совеста“ и да одбијат да направат абортус, целата болница не може да го направи тоа.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.