По успешната имплементација на енергетско-ефикасната фасада, ОУ „Блаже Конески“ во населбата Мичурин наскоро ќе добие современа доградба и проширување на капацитетите, при што ќе се одезбедат десетици нови училници, мала спортска сала и ред други содржини наменети за осовременување на образовниот процес, најави денеска градоначалникот на Општина Аеродром, Тимчо Муцунски кој заедно со директорот на ТИТАН Цементарница „Усје“, Борис Хрисафов извршија увид во комплетно завршената фасада на училишната зграда, која беше реконструирана со средства донирани од оваа општествено-одговорна компанија.

Станува збор за едно од најстарите основни училишта во Аеродром, кое по неколку децении ќе добие целосно нов лик. Покрај обновената фасада на училишната зграда, стариот дел од ова основно училиште, каде што условите се супстандардни, ќе биде целосно срушен и на негово место ќе се изгради комплетно нов и модерен објект.

Во првата фаза од проектот е планирано да се срушат централниот и источниот блок со вкупно 6 училници и топлата врска со салата и на нивно место да се изградат 12 училниици, мала спортска сала, како и топли врски за големата и малата спортска сала. Во втората фаза ќе се урне северниот блок со вкупно 4 училници и на нивно место според планираното решение ќе се добијат 14 училници.


Дополнителни содржини што се предвидени со проектот се: Наставнички кабинети – 13 дупли кабинети за двајца наставници и три кабинети за еден наставник; нова библиотека; кујна со трпезарија за 60 деца; мултинаменска просторија со бина; лифт; два тоалета за лица со посебни потреби и посебни санитарии за ученици и персонал; неколку хигиеничарски остави; повеќе административни канцеларии; како и три училници за дневен престој.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.