Руската пропаганда е присутна во Молдавија, но тоа нема да  ја наруши нашата европска агенда, вели молдавската вицепремиерка за европски прашања Кристина Герасимов, која денеска престојува во посета на Македонија.

-Пропагандата на Руската Федерација и дезинформациите во однос на нашата европска иднина е силна, користат социјални медиуми за да ги прошират овие пораки на страв, на несигурност за нашата безбедност како држава, исто така и за мирот во Република Молдавија. Истовремено, ова не е ништо ново, сме ги гледале овие пораки и ваквите наративи во минатото, но сепак, тие нема да успеат да ја нарушат нашата европска агенда затоа што граѓаните на Република Молдавија знаат дека ЕУ е проект за мир, тоа е простор каде што има цврсто почитување на човековите права, демократијата, владеењето на правото и тоа се вредностите што ги споделува секој граѓанин на нашата држава, изјави Герасимов во одговор на новинарско прашања по заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.

За Молдавија на патот кон ЕУ смета дека меѓу најтешките предизвици во делот на подготовката на земјата ќе биде усогласувањето со неколку поглавја, од европското законодавство кое, вели, ќе чини многу за да се пренесе во националното законодавство. Ги издвои поглавјето за животната средина, земјоделството како и реформите во законодавството и судството.

-Кај нас судството е малку посложено, во моментот сме во процес на ветинг и за обвинтелите и за судиите и се надеваме дека ќе го расчистиме системот на интереси кои беа дел од нашата влада веќе многу години во минатото. Се надеваме дека со ова ќе ја поставиме основата за цврсето владеење на правото како идна земја членка на ЕУ, нагласува вицепремиерката Кристина Гертасимов.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.