Во селото Љубанци во Општина Бутел од денеска е отворен нов спортски комплекс. Како што истакна градоначалникот на Бутел Дарко Костовски, станува збор за целосно комплетирано и оформено спортско игралиште со трибини и нова ограда.

Ова игралиште, како што рече градоначалникот, е направено со донација на градежната компанија „Жикол“, во вредност од три милиони денари. 

Костовски најави дека и населеното место Бутел 2 ќе добие сличен ваков спортски терен, а во текот на септември и Радишани, односно долната зона или по старо село Радишани, исто така ќе добие спортски комплекс.

Работиме и на многу други работи, за многу кусо, за некој ден почнуваме со нова градинка на територија на Бутел и многу други проекти, рече Костовски на отворањето на спортскиот комплекс.

Тој за вечер, на овој спортски комплекс, најави голем меморијален турнир, на кој се пријавиле околу 50-тина екипи.

Општина Бутел се јавува како генерален покровител на овој турнир и тој турнир е со традиција од околу 50-тина години, неколку години за жал не се одржуваше, но еве сега се одржува и навистина ги поканувам граѓаните на цела територија на градот Скопје да доаѓаат и да уживаат во овој убав настан на ова убаво игралиште, рече Костовски.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој заедно со градоначалникот Костовски присуствуваше на денешното отворање на комплексот, рече дека очекува во следниот период ова игралиште да го користат децата и да прераснат во врвни спортисти кои ќе ја промовираат нашата држава надвор. Затоа што, како што рече, нема поголем промотор за една држава од спортистот.

Навистина делува сето ова прекрасно, благодарност до компанијата „Жикол“ која во најголем дел го донираше ова спортско игралиште овде во Љубанци да има ваков изглед и се надевам дека и останатиот дел од општествено одговорните компании во земјава ќе го следат примерот на оваа компанија, рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.