Скопската градоначалничка Данела Арсовска утрово преку својата прес-служба негираше дека воздухот во главниот град е опасно загаден и дека сите вести кои се пласираат во медиумите за загаденоста ги пишуваат „партиски војници“ по нарачка од „политички кујни“.

За да покаже дека Скопје не е меѓу најзагадените градови во светот, па и дека не е меѓу најзагадените во Македонија, Арсовска се повикува на интернет страницата WAQI.

Утрово како и секој друг ден од почетокот на грејната сезона сведоци сме на лажни вести кои во 21 век, во ера на информатичка технологија, кога податоците и вистината се достапни за секого, може да се проверат. Имено, неразбрлива е за нас потребата од пласирање на сензационалистичката лага за наводна загаденост на градот Скопје, особено поради фактот што светскиот мониторинг сервис WAQI кој во реално време ги покажува податоците за нивото на загаденост во сите градови во светот, јасно покажува дека Скопје не е ниту најзагаден град во Македонија, а не пак во светот. Дополнително и на националните мерни станици се потврдува истото. Како најзагадени градови во Македонија во последните 48 часа се Кавадарци, Струмица и Тетово. Во реално време можете да ги следите резултатите од мерењата од сите градови и држави во светот на https://waqi.info/“, се вели во утринската реакција.

Но, вечерва, дури и според посочената страница од градоначалничката воздухот во Скопје е опасен и нездрав за дишење.

Според официјалната страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), пак, исто така се алармира за нездравиот воздух.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.