Скиснат јогурт за појадок и вечера, исклучени лифтови, исклучени решоа и фрижидери, влегување без дозвола во собите и проверување дали се користи греалка, се само дел од нештата на кои се пожалија студенти што живеат во студентскиот дом „Гоце Делчев“ за порталот „Факултети“.
Како резултат на енергетската криза, која се очекува да се интензивира претстојнава зима, во домот се истакнати мерки за штедење струја во вид на правилник. Тука спаѓаат мерки од типот дека температурата во собата не треба да надмине над 20 степени и дека се забранува користење на сопствени грејни тела, како и дека ќе се исклучуваат фрижидерите и шпоретите во студентските соби.
Студентите сметаат дека спроведувањето на овие мерки излегува од контрола и дека квалитетот на нивното домување е сериозно нарушен, па немаат основни услови за живеење.
Лифтовите се нонстоп расипани, решоата и фрижидерите ни ги исклучија, забрането е да користиме секакви апарати во собата, па дури и за пегла прават проблем. Деновиве шетаат по соби и проверуваат низ нашите шкафови и под кревети дали криеме греалка, а ако нема никој во собата, сами си влегуваат. Интернет нема, а прават проблеми и рутер да имаш ставено, раскажа еден студент.
Блок а и Блок б имаат 2 решоа и еден малечок фрижидер. Месечната станарина што ја плаќаме вклучува нивно користење, но тие се исклучени во двата блока, сподели една студентка.
Студентите алармираат и за квалитетот на исхраната во мензата. Некои од нив посочија дека се служи недоволно зготвено месо, особено кога има поголем метеж во мензата, а за појадок или вечера во неколку наврати имале скиснат јогурт.
Повеќе на „Факултети“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.