Вчера слушавме пратеничка од Алтернатива која јавно на говорница кажа дека за време на ноемвриските настани во 2021 година македонската влада ја составувал Еди Рама и член на семејството на Адем Јашари. Тие ја составиле владата на СДСМ и ДУИ и Ковачевски со ова само потврдува дека е слеп послушник на Али Ахмети и уште пострашно Артан Груби, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при денешната посета на Кавадарци одговарајќи на новинарско прашање.

Мицкоски посочи дека СДСМ никогаш не бил во полоша состојба и немал послабо раководство како актуелното кое работи само за провизии од тендери и ги повика пратениците од СДСМ со различен став да се одважат и да не дозволат овие луѓе да ја доведат Македонија во пропаст.

– СДСМ со ова раководство никогаш не бил во полоша состојба, и никогаш немал послабо раководство и тоа е работа на членовите и активистите. Тоа е партија која е присутна на политичката сцена повеќе од 3 децении како наследник на Сојузот на комунисти и има своја традиција и не би било добро овие луѓе кои денеска го водат СДСМ да го згаснат. Апелирам до пратениците на СДСМ и сите оние кои изминатиов период даваа знаци и позиции различни од раководството, свесен сум дека има голем број закани од полукриминални структури управувани од раководството, нека се одважат да не се плашат и нека застанат на патот на двајца тројца од раководството кои ја уништуваат иднината и на Македонија, истакна Мицкоски.

Мицкоски ги повика да не бидат заложници на Али Ахмети, и да не дозволат повторно Еди Рама да ја составува идната влада на Македонија.

Нивен интерес е Македонија да биде слаба и опљачкана, на колена, застанете до нас, подадете рака, немојте да дозволите тие криминалци во раководството на СДСМ кои имаат интерес само да ги поделат провизиите од тендерите да ве втурнат во пеколот кој и го подготвуваат на Македонија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.