Директорот на АД ЕСМ Васко Ковачевски од лични причини поднел оставка од функцијата и на негово место на следната владина седница ќе биде назначен, Васко Стефанов.

Информацијата ја потврди премиерот Димитар Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата посветена на годишниот извештај на АД ЕСМ.

Сакам лично да му се заблагодарам затоа што целото свое знаење и труд и време ги вложи во менаџирањето на компанијата во една исклучително тешка и деликатна ситуација која произлезе од енергетската криза, рече премиерот Ковачевски.

За одлуката на директорот на АД ЕСМ, премиерот рече дека разговарале уште во текот на минатата година и дека утрово усно, а утре и писмено, ќе биде доставена оставката која ќе биде констатирана на следната владина седница.

Генералниот директор на АД ЕСМ, како што изјави, останува да работи во компанијата.

Вработен сум во АД ЕСМ. Прво ќе го земам одморот од 20 дена, а потоа по проценка на новиот менаџмент на ЕСМ и министрите ќе процениме каде ќе биде моето место во компанијата. Она што го протежирам е да се посветам пред се на семејството, односно на моите две деца кои имаат потреба од мене за иден раст и развој односно доообразование, истакна Ковачевски.

Во однос на тоа дали е задоволен колку успешно менаџирал со компанијата, Ковачевски рече дека бројките во делот на производството и во делот на финансиите се најдобра потврда за тоа.

Убеден сум дека пред се како држава, а потоа и како компанија, успешно ја изменаџиравме кризата, рече тој.

Ковачевски во јули 2019 година беше избран за претседател на Управниот одбор и за генерален директор на АД ЕСМ. На функцијата дојде од местото директор на РЕК „Битола“ каде што беше назначен во јануари 2018 година.

Ковачевски е дипломиран инженер по термоенергетика. Тој е поранешен советник во Советот на општина Битола во периодот од 2013 до 2014 година, како и пратеник во Собранието во два мандата од 2014 до 2016 година и од 2016 до 2017 година.

Поради пензионирање од АД ЕСМ ќе замине и Добрила Стефанова, а на нејзно место за нов член на Управниот одбор и директор на финансии ќе биде назначена Марија Пејкова.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.