Собранието во рамки на 131. седница вечерва со 83 гласа „за“ и двајца „против“ го донесe новиот Деловник за работа на Парламентот, што ќе се применува од наредниот собраниски мандат. Новиот Деловник е резултат на неколкугодишни разговори меѓу пратениците од овој и минатиот парламентарен состав во рамки на „Жан Моне“ процесот.

За новиот Деловник гласаа пратениците од владејачкото мнозинство предводено од СДСМ, пратениците на ДУИ, на ВМРО-ДПМНЕ, на АА и сите други, освен двајцата пратеници на Левица.

Денешната седницата беше три пати прекинувана, а пратениците од Левица бараа таа да биде прекината и предизвикаа инцидент со расфрлување на листовите од нивните амандмани, а пратеникот Борислав Крмов искрши дел од инвентарот од претседавачката маса – компјутер, телефон и слично. Пратениците од Левица имаа поднесено над 2.000 амандмани, а претседателот на Собранието и предлагач на Деловникот рече дека прифатливи се само 12 додека за другите кажа дека се неосновани.

Инцидентот што го предизвикаа пратениците на Левица се случи на првото продолжение на седницата, а нивното негодување и противење на одлуките на Џафери и Собранието продолжи и на следните заседанија.

Претседателот на Собранието Џафери поради штетата што настана при денешниот инцидент рече дека следното продолжение на 131. седница ќе се одржи во салата со Купола, како и сите останати до санирање на штетата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.