За 12 дена потрошени едвај 40-тина вијали на „Фајзер“ во Караванот за имунизација. Во мобилните пунктови во Шуто Оризари, Ново Село, Струмица вакцини примиле над 200 граѓани. Најголем број од нив биле за трета доза, а ретки биле оние кои првпат се појавиле пред вакцинални тимови. Здравствените власти велат дека зголемувањето на опфатот е минимален и во земјата сеуште има 41,2 проценти вакцинирани што е далеку од европскиот просек.

Целта на караванот е да ги поттикнеме граѓаните да одат на вакцинација бидеји голем дел од населението останува незаштитено од можните тешки последици на ковид 19. Невакцинираните имаат поголем ризик од фатален исход, изјави др. Владимир Рендевски заменик министер за здравство.

Караванот за вакцинирање против КОВИД-19 денеска ќе биде во Кичево, а ќе заврши утре во Струга. Надлежните апелираат граѓаните да се вакцинираат со цел да се заштитат од тешки форма на болеста, хоспитализација и смрт поради инфекција со КОВИД-19.

Во рамки на караванот, како што соопшти вчера Министерството за здравство, се остварени посети на вкупно 14 градски и рурални подрачја низ целата држава.

Бројот на активни случаи во државава вчера изнесуваше 1.715 од кои најголем број 919 во Скопје. Според вчера објавените податоци од Институтот за јавно здравје, при направени 1986 тестови регистрирани се 201 нови случаи на КОВИД-19 од кои 37 се реинфекции, оздравени се 249 пациенти, а починати се две лица.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 306.178, бројот на оздравени пациенти е 295.237, а на починати е 9.226.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.