Народот не им верува на лидерите на владејачките партии СДСМ и ДУИ, Димитар Ковачевски и Али Ахмети, покажува последната анкета на Маркет вижн, објавена денеска. Премиерот Ковачевски и лидерот на ДУИ Ахмети немаат поголема доверба од лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

На телефонската анкета спроведена од 5 до 16 јуни 2023 година на примерок од 1.200 испитаници, доверба во политиките на Мицкоски имаат 12 проценти од гласачите, исто колку и Ковачевски и Ахмети, но заедно (6,1% + 5,9%).

Ова е прв случај во историјата на македонските анкети лидер на опозиција да има ист или поголем рејтинг од двете најголеми партии во владата.

Анкетата дава јасен приказ на расположението на народот во пресрет на најавената седница за уставни измени. И покрај обидот на СДСМ пред јавноста да прикаже дека на лидерската средба ВМРО-ДПМНЕ прифатила уставни измени, довербата на гласачите во опозициската партија расте, додека таа на владејачката партија опаѓа.

На прашањето „За која партија ќе гласате на наредните избори“, најголем дел од определените граѓани својата поддршка ја дале за ВМРО-ДПМНЕ (22%), 11,5% од испитаниците рекле дека ќе гласаат за СДСМ, за ДУИ 9,2 отсто, за Левица 5 %, Алијанса за Албанците 3,5 отсто.

Споредено со февруарската анкета на Маркет Вижн, ВМРО-ДПМНЕ бележи раст за нешто повеќе од еден процент, СДСМ пад за 0,9%, а популарноста на ДУИ, Левица и Беса расте…

За прв пат во историјата збирот на процентите на популарноста на партиите на Албанците во Македонија (ДУИ, Алијанса за Албанците, Беса, Алтернатива и ДПА) е многу поголем од рејтингот на СДСМ (16:11).



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.