Бугарскиот премиер Кирил Петков денеска во Битола ќе отвори клуб кој ќе работи во состав на културниот центар „Иван Михаилов“. Тој ќе биде придружуван од потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, министерката за надворешни работи Теодора Генчовска и поранешната шефица на дипломатијата Екатерина Захариева, кои, како што соопштуваат оттаму „ќе промовираат владини проекти на таа држава на кои ќе им претходи средба на Петков премиер со бугарски здруженија на граѓани во земјава“.

Во пресрет на посетата на Битола, Петков како прв бугарски премиер кој ќе престојува во градот, истакна дека во „делегацијата што ја предводи ќе има многу луѓе од различни партии што ќе дадат поддршка на бугарската заедница во Македонија, и кои ќе потврдат дека, како што рече, земјата треба да биде дел од Европа и дека двете страни ќе се движат во таа насока“.

Во Битола, пак, јавен протест за отворањето на клубот со „името на еден од најголемите експоненти на фашизмот и недвојбениот соработник на фашистичките главешини Хитлер, Мусолини, Анте Павелиќ и царот Борис III“, изразија од Сојузот на борците од Народноослободителната и Антифашистичката војна на Македонија 1941-1945 и граѓаните продолжувачи.

Тие велат дека со отворањето на овој клуб се врши промоција и рехабилитација на фашистичката идеологија, милитаризмот и антимакедонските политики од времето на Втората светска војна, се промовира историографски ревизионизам насочен кон негирање на Националноослободителната војна на македонскиот народ и нејзините придобивки во поглед на афирмација на македонскиот нациоинален индивидуалитет и македонската национална држава и се врши навреда на македонското национално донстоинство.

Протест од 13 часот најави и политичката партија Левица, поради „отворањето на клуб под името на еден од промоторите на фашизмот, империјализмот и антимакедонските политики“.

Да го зачуваме македонското национално достоинство и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата, сабота во 13 часот на плоштадот Гоце Делчев пред Домот на Култура да се мобилизираме и го искажеме нашиот револт! Најстрого ја осудуваме дозволата за отворање на ваков клуб во Македонија, премолчувањето за ваквата иницијатива од страна на Владата на Република Македонија која индиректно поддржува рехабилитација на фашизмот, империјализмот и антимакедонизмот!, се вели во нивниот повик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.