Предлозите на Скопје за постигнување договор и за тргање на бугарското вето за старт на преговорите со ЕУ се неприфатливи за Софија. Бугарската страна вели дека не добила официјален документ и смета дека дијалогот за отворените политички прашања треба да продолжи, а штом ќе има напредок најавува свој контрапредлог. Евентуалниот договор, политиката кон Македонија, дали постои или не документ за кој се преговара, предизвикаа  несогласување и во бугарската владина коалиција.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи во четвртокот  информира дека има документ како основа за договор со Бугарија прифатлив за македонската страна, но се уште нема одговор дали тој е прифатлив и за Софија, посочувајќи дека кога ќе има согласност по однос на кој било документ како основа за договор со Бугарија, пред да се стави потпис ќе ја информира јавноста и пратениците.

Да, има еден таков документ што ние сме спремни да го прифатиме, меѓутоа се додека не добиеме одговор дека е прифатлив и за Бугарија сметам дека не се созреани тие предуслови за да можам јас да ги информирам пратениците и јавноста, бидејќи тој може да биде одбиен и тогаш сето тоа би било непотребно, истакна завчера Османи по средбата со шефот на романската дипломатија Богдан Ауреску, кој беше во работна посета на земјава.

Бугарското МНР, пак, вчера порача дека предлозите од македонска страна се неприфатливи и најави свој предлог и дека за време на состанок во февруари, „Бугарија ја информираше Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат“.

Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Кога ќе има изгледи за суштински напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите, стои во соопштението од МНР на Бугарија.

Шефицата на бугарската дипломатија Теодора Генчовска призна дека има разидувања меѓу МНР и надворешнополитичкиот тим на премиерот Кирил Петков.

Постојат сериозни разлики во однос на националната позиција до која Министерството за надворешни работи строго се придржува, рече шефицата на бугарската дипломатија.

Премиерот Петков, пак, рече дека нема никаков документ што е потпишан од бугарска страна и дека Владата се придржува до коалицискиот договор и постојната рамковна позиција на Бугарија за Македонија.

Тој денеска доаѓа во Битола заедно со Генчовска и со потпретседателката на Бугарија Илијана Јотова, во организација на бугарската амбасада во Македонија, рече дека „неговата посета е за да ја покаже силната задача на бугарската Влада да ја поддржи бугарската заедница во Македонија“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.