Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски пристигна на четвртиот Самит на Совет на Европа, во Рејкјавик, Исланд.

Како дел од делегацијата која што ја предводи премиерот е Бојан Маричиќ заменик на претседателот на Владата задолжен за европски прашања.
Премиерот Ковачевски на отворањето на Самитот беше пречекан од премиерката на Исланд Катрин Јакобсдотир и генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ.

На четвртиот Самит на Совет на Европа кој годинава се одвива во Рејкјавик, лидерите ќе разговараат на теми кои се однесуваат на мирот и почитувањето на човековите права, особено во овие тешки времиња кога во Европа не е нападната само една држава, туку се нападнати демократските принципи и вредности на меѓународниот поредок.

Целта на Самитот е да се обединат земјите членки кон принципите за демократија, обезбедувајќи јасно заедничко разбирање за тоа како ја обезбедуваме и зајакнуваме демократијата во Европа. Токму затоа Агендата на Самитот, покрај официјалното отворање, опфаќа и дискусии на тркалезна маса на различни теми како што се човековите права, демократијата, владеењето на правото животната средина, вештачката интелигенција и дигиталниот развој, како и работна вечера што ќе биде посветена на Украина.

На крајот на Самитот, Исланд официјално ќе и го предаде на Латвија претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа.

Латвија е следната земја-членка што ќе претседава со Комитетот на министри на Советот на Европа за период од шест месеци.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.