Бугарскиот премиер Кирил Петков, кој во вторник пристигнува во земјава, на средби со новата Влада, вели дека со себе не носи никаков анекс на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, туку доаѓа со конструктивен тон и подготвеност за еден нов почеток, кој ќе биде подинамичен, попрактичен, ослободен од досегашните декларативни заложби и насочен кон конкретните важни прашања кои го задираат секојдневието на граѓаните на двете земји.
Петков, кој ќе биде првиот странски државник, кој доаѓа во посета на Македонија, по изборот на новата Влада, во интервју за МИА говори за тоа дали со себе ќе донесе некаков анекс на договор, нешто за што се шпекулираше изминатиов период.
Не, не. Доаѓам со конструктивен тон и подготвеност да почнеме да работиме заедно. Немам подготвен документ или нешто, бидејќи сите тие документи немаат поента, ако не им дадеме вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата. Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа. Тука, задачата е да направиме програма, да ги направиме работните групи, да започнеме со дијалог, да имаме чувство на меѓусебна доверба и дека од двете страни има добри намери и да си ги поставиме целите, кои што сакаме да ги постигнеме за максимално краток период – нагласува Петков за МИА.
Бугарскиот премиер, кој го оцени како мошне конструктивен телефонскиот разговор, што го имал со мандатарот Димитар Ковечевки и изрази уверување дека тие двајцата како луѓе од економската и бизнис сферата имаат слична енергија за да ги придвижат работите, изрази надеж дека за време на посетата ќе се договорат околу формирањето на петте работни групи – за економија, култура, инфраструктура, евроинтеграција и историја.
Петков вели дека соработката и добрососедството треба да ги зајакнат интересните групи во одредена сфера, а не политичарите. Тој додава дека целта на посетата е да се направи програма за средбите на тие работни групи, кои би се состанувале секоја од нив еднаш месечно, со што би се остварил напредок по сите прашања.
Ние треба постојано да комуницираме, да напредуваме. Моите надежи се дека во следните месеци реално и тоа се обидувам да го договорам за време на нашата посета, кога ќе дојдам е да ги направиме тие пет работни групи – за економија, култура, инфраструктура, евроинтеграција и историја. Не сакам само политичарите да доаѓаат и да говорат, кога говорам за економија сакам да ги видиме сите наши фирми кои сакаат и имаат интерес за Македонија, сите фирми од вашата земја, кои имаат интерес за Бугарија. На таа средба политичарите не се потребни, на таа средба се потребни луѓе, кои сакаат да работат, да прават бизнис заедно – додава Петков, кој напоменува дека тој лично како премиер не може да разбере како се уште меѓу Скопје и Софија нема директна авионска линија.
Петков говори и за седницата на бугарскиот Совет за безбедност, која беше свикана специјално на тема Македонија и за тоа дека се создава впечаток дека соседната земја на Бугарија е најголемиот проблем за безбедност во време на пандемија, енергетска криза, влошени руско-украински односи…Тој во интервјуто за МИА се осврнува и на роковите, на претходно од него поставениот рок од шест месеци за решавање на спорот, а сега по Констултативниот совет за безбедност за ставот кој го изнесе бугарскиот претседател Румен Радев дека рокови не се потребни, туку потребни се реални резултати.
Всушност можеме за времето за кое ќе си ја завршиме работата. Јас тоа сакам да го кажам. Значи сега ако кажам одреден рок, шест месеци, почнуваме со истата декларативност. Треба да видиме какви се прашањата, како ќе ги решаваме. Рокот зависи само единствено од подготвеноста секоја од страни да си подаде рака и заедно да ја завршиме работата – вели Петков.
Бугарскиот премиер во интервјуто за МИА нагласува дека има лесни работи, но и потешки и почувствителни, кои треба да се адресираат.
Јас сметам дека еден пријателски, конструктивен пристап треба да може да ги решава и лесните и потешките теми. Но, затоа најважно е да имаме доверба и таа доверба се надевам дека ќе ја изградиме и тоа со оние работи кои ги правиме заедно – нагласува Петков, кој додава дека со конструктивен дијалог сите тие прашања се решливи.
Петков во интервјуто за МИА говори и за деструктивните сили и во Македонија и во Бугарија, кои тежнеат кон назадување и работат против добрососедството, за борбата против корупцијата во неговата земја, но и во еден поширок контекст во регионот на Балканот.
Ние треба да ги исчистиме сите оние кои заработуваат на грбовите на нашите народи. Затоа што има една мала група на луѓе, кои преку корупцијата заработуваат на сметка на сите останати. И јас мислам дека тие се дел од деструктивните елементи кои се поврзани и кои го поставуваат прашањето дали е добро или не е добро добрососедството меѓу двете земји – вели Петков.
Бугарскиот премиер се осврнува и на очекувањата неговата земја да влезе во еврозоната, за притисоците врз Бугарија да се реши спорот, за состојбата на Балканот…
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.