Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот настан на промоција на кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“ се осврна на поранешниот коалиционен партнер, Демократската Унија за интеграција, тврдејќи дека ќе одговараат за криминалот кој го вградиле во секоја една институција во изминатите години.

Мицкоски вели дека ДУИ е партија која го потчинила СДСМ и од нив направила ситна играчка во своите раце, а истовремено се заслужни и за криминализација на државата. Нападот врз ДУИ, рече Мицкоски, никогаш не е напад врз Албанците, туку напад врз криминалот кој тие го преставуваат и застапуваат. Според него, ДУИ секогаш тоа го извртуваат и го толкуваат како напад врз Албанците, но и Албанците на овие избори треба да му испратат јасна порака порака на Али Ахмети и ДУИ дека готово е.

Тие, Демократската унија за интеграција, дваесет години се провлекуваат при промена на секоја власт, и иако се учесник во секоја една афера и криминален случај, нема ниту еден човек од нивната структура кој некогаш одговарал пред словото на законот. И секогаш кога ќе ги кажете работите онакви какви што се, тие ќе започнат да зборуваат за етнички теми и да обвинуваат дека некој има нешто против Албанците ако ги нападне овие криминалците од ДУИ. Јас како човек немам ништо против ниту еден народ, но имам против тоа да се краде Македонија и упропастува бездушно. Затоа што и Албанците во Македонија се заложници на криминалот на ДУИ и затоа што и тие подеднакво живеат тешко исто како што тешко живеат и Македонците, и Србите, и Турците, и Ромите, и Бошњаците, и Власите и сите останати граѓани во Македонија – рече Мицкоски.

Како што додаде мора да има правда за секого.

На овие избори народот мора да излезе масовно и да гласа. Најпрвин ќе ги пратиме во опозиција, а потоа јас ви гарантирам и ви давам збор ќе одговараат за секоја солза, за секоја пролеана солза на мајка, баба, сестра, за чедото кое ја напуштило Македонија затоа што се чувствувале граѓани од втор ред, затоа што некој им ја украл иднината. И ако некој има дилема и мисли дека се шалам од оваа Конвенција од овде ќе им кажам исто како што до сега, што би рекол еден наскоро поранешен политичар одевме до крај подготвен сум и овој пат да одам до крај. Од една страна ДУИ криминалците, од друга страна ВМРО Коалицијата и народот. Ќе одиме до крај. Се додека и последниот не одговара- рече Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.