Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во интервју за Прва.рс изјави дека уапсениот Цуфи Кока, кој при инцидентот кај Скендербег пукаше кон демонстрантите, бил вработен во МВР облечен како цивил, македонското МВР испрати демант.

Министерството за внатрешни работи најостро и категорично ги демантира лагите кои претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ги изнесе на српската телевизија Прва, дека уапсеното лице кое пукаше со пиштол при инцидентот на плоштадот Скендербег бил вработен во МВР.

Како што МВР веќе информираше, во врска со случајот со брза реакција на полицијата веднаш беше приведен Е.Ј.(40) од Скопје, со што беше избегнат поголем инцидент. Предметниот пиштол му е одземен и вештачен, обезбедени се сите докази против него, а до ОЈО е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „предизвикување општа опасност“, предвидено и казниво по член 288 од Кривичниот законик. Притоа, во соработка со ОЈО Скопје од страна на Судија на претходна постапка, против Е.Ј. е определена мерка притвор.

Македонските медиуми го идентификуваа лицето и внимателно го следеа развојот на настаните, па обидите на Мицковски за пласирање на лаги и дезинформации се сега насочени кон медиумите од другите држави.

Министерството за внатрешни работи уште еднаш апелира да не се изнесуваат лажни вести и дезинформации кои можат да доведат до забуна во јавноста, туку инсистира на точно, навремено и вистинито информирање, кое е и еден од приоритетите во работењето на ова министерство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.