Матични лекари од цела Македонија денеска протестираа пред Министерството за здравство и бараа зголемување на капитациониот бод од сегашните 63 денари на 90 денари за еден пациент.

Главната причина за протестот е неисполнетото барање и ветување од владејачката партија СДСМ која на минатите избори вети дека капитацискиот бод од 60 денари ќе се покачи до 90 денари за еден пациент.

Според капитациските бодови на матичните приватни лекари од Фондот за здравство добиваат приходи за нивните амбуланти и вработени. Тие денеска нема да прегледуваат пациенти, а од утре следува повеќедневен штрајк.

На протестот се појави и министерот Беким Сали кој рече дека се прифатливи барањата на лекарите, но нагласи дека во Буџетот за оваа година не се предвидени средства за покачување на капитацијата. Притоа, Сали на лекарите им додели благодарници, но истите не беа прифатени од страна на лекарската фела.

Сите претставници на здруженијата знаат дека работиме на нов модел на финансирање на примарната здравствена заштита. Работиме на три можни модели за промена на начинот на кој се исплаќаат матичните лекари. Сметам дека денешниот ден е за одбележување на Денот на здравјето, а не за протестирање, изјави Сали.

Претседателката на здружението на матични лекари Лилија Чолакова Дервишова вели дека овој протест е последен крик за спас на приватните матични лекарски ординации.

Оставивме доволно време да се формираат групите, но тие не проработеа. Бараме покачување на капитациониот бод, кој пред четири години беше зголемен на 63 денари по пациент и оттогаш не добиваме никакви средства плус, а сѐ е поскапено, гориво, струја, животни трошоци – вели Чолакова-Дервишова.

Таа нагласи дека бараат да се смени начинот на препишување лекови за хронично болните пациенти и да се воведат нови лекови. Воедно бараат да се најде нов начин на плаќање на лекарите во примарното здравство и на лабораториите, односно се бараат решенија за да има лекари и за опстанок на примарното здравство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.