Антикризните мерки наредната недела треба да се најдат на Комисиска расправа во Собранието. Пензионерите и ранливите групи на граѓани во исчекување на ветената помош, компаниите за поевтина струја. Но бидејќи за некои од планираните мерки е потребно да се направат законски измени, обвинувања пристигнаа на адреса на ВМРО-ДПМНЕ, дека претседателот на Комисијата за финансирање и буџет упорно не закажува седница, за да се расправа за законските решенија за финансиска помош на ранливите групи граѓани. Од ВМРО-ДПМНЕ пак велат дека чекале нивните предлог мерки за граѓаните да бидат прифатени и да се закаже Комисиска расправа. Сметаат дека во антикризните мерки се испуштени повеќе групи на граѓани на кои им е потребна финансиска помош.

Антикризниот пакет ќе тежи околу 360 милиони евра. Околу 330.000 пензионери треба да добијат месечна помош од 750 до 1.500 денари, додека во наредните четири месеци по 3.000 денари еднократна помош треба да добиваат и ранливите групи на граѓани. Според ВМРО-ДПМНЕ овие антикризни мерки се само козметика и е срамно од толкав буџет да се одвојуваат по 750 денари за пензионерите. Според нивните предлог мерки, оние кои земаат пензија до 14.000 денари треба да земаат месечна помош во износ од 3.000 денари, додека оние кои имаат пензија до 30.000 денари да добиваат по 2.000, а останатите пензионери по 1.000 месечно дури трае кризната состојба. Предлагаат да се врати субвенционираниот оброк за студентите, но да биде по 160 денари дневно, да се намалат акцизите на горивата, да се укине ДДВ-то на прехранбените производи за време на викенд до 30 април следната година.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.