Македонската асоцијација на новинари (МАН) ги осудува заканите од Димитар Апасиев пратеник и претседател на политичка партија упатени до Канал 5 ТВ и директорот Иван Мирчевски.

Заканите за „војна“, “системски организирана кампања“ се сериозни закани по слободата на изразување која е гарантирана со Уставот, но и по слободата на претприемништво. Со својот статус на социјалната мрежа Фејсбук, Апасиев како пратеник и претседателот на политичката партија се заканува со последици по финансиската егзистенција на Канал 5 ТВ и врши политички притисок врз компании – деловни партнери, што е кривично дело – злоупотреба на службена положба од позиција на пратеник кој се заканува со употреба на својата политичка моќ. Не му е прв пат на овој претседател на партија да се заканува, да шири говор на омраза, навреди и клевети против новинари и против медиуми. И во овој случај, тој напиша куп навреди и клевети против директорот на Канал 5 ТВ Иван Мирчевски, за што го повикуваме Димитар Апасиев да се извини, велат МАН во нивната реакција.

МАН ги повикува надлежните институции, пред сè обвинителството, да реагира по ваквите закани и злоупотреба на службена положба од позиција на пратеник на Димитар Апасиев кој е и претседател на политичка партија, и да ги заштити медиумите и новинарите, особено заради фактот што Македонија влегува во период на избори.

Доколку обвинителството не преземе мерки за заштита на медиумите и новинарите, ваквите закани и злоупотребата на службената положба на Димитар Апасиев, пратеник и претседател на политичка партија, ќе охрабри и други поединци и/или групи да се закануваат кон медиумите и новинарите. Правните тимови на МАН секако дека ќе преземат мерки пред надлежните институции за запирање на злоупотребата на политичка положба, говор на омраза, заканите, навреди и клевети кои преку социјалните мрежи ги шири претседател на политичка партија. Изненадува фактот што дежурните цензори на социјалните мрежи кои ја гушат слободата на медиумите преку нивни наводни проверки на факти – немаат пријава до Фејсбук за блокирање на профил/и поради закани и злоупотреба на политичка моќ, односно останаа неми на овие закани од претседател на политичка партија кон Канал 5 ТВ, велат од МАН.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.