Мнистерството за образование и наука ги интензивира градежните активности за време на летниот распуст на учениците, со цел заокружување на повеќе инфраструктурни инвестиции кои ќе значат подобрени услови во основните и средните училишта во новата учебна година. Со буџет од над 4,5 милиони евра предвидени се реконструктивни активности во 50 училишни објекти во повеќе општини низ државата.

Средствата се обезбедени во буџетот на МОН преку одделението за капитални инвестиции, проектната единица за изградба на 145 спортски сали и рехабилитација на училишни објеки, а најголем дел од училиштата, односно 40 објекти ќе бидат опфатени со реконструктивни активности со поддршка од Светската банка која го финансира спроведувањето на Проектот за унапредување на основното образование, соопшти МОН.

Градежните активности предвидуваат подобрување на условите за настава, подигнување на енергетската ефикасност на објектите, како и унапредување санитетско – хигиенските услови и пристапноста на објектите за учениците и лицата со попреченост.

Една од покрупните инвестиции ќе се реализира во основното училиште „Мирче Ацев“ во село Лажани во општина Долнени, каде ќе се изврши реконструкција на кровот, фасадата, санитарните јазли, а ќе се поставуваат и пристапни рампи за учениците и лицата со попреченост. Слични активности, планот за инвестиции на МОН предвидува и во неколку други основни училишта, односно „Васил Главинов“ во Чаир, „Форино“ во Гостивар, „Ристе Ристески“ во дебарско Могорче, „Св. Наум Охридски во Пештани во Охрид“ и „Елпида Караманди“ во Битола.

Темелна реконструкција ќе се изврши во кичевското основно училиште „Мирко Милевски“, која е веќе започната, а ќе се заокружи кон крајот на тековната година, кога ќе заврши и реконструкцијата на дел од објектот на средното техничко училиште „Гостивар“ каде се сместени работилниците и просториите за кабинетска настава. Исто така, за време на летниот период започнува и санацијата на кровот, внатрешните ѕидови, плафони и осветлувањето во основните училишта „Браќа Миладиновиц“ и „Крсте Мисирков“ во Куманово.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.