Претседателот на Владата на Република Македонија Димитар Ковачевски и владина делегација во состав Артан Груби, прв заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Славица Грковска, заменик-претседател на Владата задолжена за политики за добро владеење, Бујар Османи, министер за надворешни работи и Горан Милевски, министер за локална самоуправа, денеска оствари средба со претседателот на Собранието на Република Бугарија Никола Минчев.

На средбата премиерот Ковачевски го поздрави одбележувањето на 30 годишнината откако Република Бугарија прва донесе одлука да ја признае Република Македонија на 15 јануари 1992 година, со што беше отпочнат процесот на верификација на нашата држава на меѓународен план и на воспоставувањето на дипломатски односи со повеќе држави.

Ковачевски истакна дека оваа годишнина, како и одбележувањето 15 години од приемот на Република Бугарија како полноправна членка во ЕУ, како симболични датуми ќе бидат преточени во еден нов датум, кој ќе биде препознаен по решавањето на отворените прашања меѓу двете соседни и пријателски земји со што ќе се создадат услови за заедничка иднина во европското семејство.

На средбата беше истакната како исклучително значајна иницијативата на парламентите на Бугарија и Македонија за потесна соработка и во дополнителни формати покрај оние кои веќе постојат како стандардни пратенички групи за соработка меѓу пратениците на двете земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.