Портпаролите на Владата, Муамет Хоџа и Душко Арсовски на денешната редовна прес-конференција информираа за одлуките и заклучоците донесени на 16-тата седница, одговарајќи и на прашања од интерес на медиумите и јавноста.

На вчерашната седница е разгледана и усвоена Информацијата за безбедносната ситуација во и околу Украина, при што е задолжено Министерството за надворешни работи, во координација со надлежните институции, да ги преземе сите потребни мерки за осигурување на безбедноста на членовите од Република Македонија при Специјалната мониторинг мисија на ОБСЕ во Украина.

Во моментот, информираа портпаролите, нашите триесетина набљудувачи се на безбедно и ги извршуваат своите редовни обврски и во случај на дополнително влошување на ситуацијата, се наметнува потребата од брз и ефикасен ангажман во насока на осигурување на нивната безбедност.

Во однос на нашите државјани, Амбасадата на Македонија во Киев има евидентирано стотина кои ги доставиле своите податоци дека престојуваат во Украина и од нив заклучно со вчера, се вратиле 13.

На новинарското прашање дали и колку нашата земја може да прими бегалци од Украина доколку дојде до нов миграциски бран од оваа земја, беше речено дека како и во повеќе наврати досега, Владата ќе понуди помош и во случај на ескалација во Украина, иако сите напори се во насока тоа да не се случи.

Во оваа насока е и денешниот телефонски разговор, кој премиерот Димитар Ковачевски ќе го има со својот колега, Денис Шмигаљ, претседател на украинската Влада, со кого меѓу другото ќе разговара и на оваа тема и по овој контакт, Владата ќе направи проценка во врска со видот на помошта што ќе ја понудиме како држава.

На прашањето за тоа дали нашата држава ќе се приклучи на санкциите кон Русија, кои ги подготвија ЕУ и САД, портпаролите го изнесоа ставот дека Македонија е на линија за постигнување на 100% усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.

Во однос на пакетот санкции на Унијата, Владата дополнително ќе расправа и ќе одлучи, за што јавноста ќе биде информирана, рекоа портпаролите.

На седницата, исто така, беше разгледан и усвоен усогласениот текст на Спогодбата меѓу Владата на Македонија и Владата на Република Србија за основање на Културно-информативни центри во Скопје и во Белград, која треба да ја потпише министерот за надворешни работи.

Ова ќе биде петти ваков простор за презентација на македонската традиција, култура и уметност во странство.

Веќе функционираат центрите во Истанбул, Софија, Тирана и во Загреб.

Дел од медиумите побараа и одговор за тоа што содржи документот што го најави министерот за надворешни работи Бујар Османи, а којшто Влада ќе го испрати во Брисел на што беше одговорено:

Владата со целиот свој капацитет е насочена кон решение на отворените прашања со Република Бугарија. Работните групи од двете држави работат според утврдениот план и тоа е начин преку целосна посветеност да се одржува динамиката во процесот. Ставот на Владата е јасен и повеќе пати кажан, дека тогаш кога ќе се постигнат решенија прифатливи за двете страни, ќе бидат презентирани пред надлежните институции. Нашите позиции се кристално чисти и јасни и од тоа не отстапуваме. Нема преговори за јазикот и идентитетот. Впрочем тие позиции заеднички ги потврдија сите политички партии во Собранието. Граѓаните треба да се убедени дека Владата работи на решение коешто ќе биде во интерес на сите. Силно веруваме дека искрениот дијалог е најдобриот и најсигурен начин за успех и  демонстрација на европски манири во регионот.

Во однос на новинарското прашање за тоа дали на седница на Главниот координативен кризен штаб или на Владата е дискутирано за предлогот на Комисијата за заштита од заразни болести наместо 45, сертификатот за прележан ковид да трае 180 денови и за новиот предлог, бремените жени да се вратат на работа и да се укине мерката за поседување на КОВИД сертификат за државјаните на Македонија при излез од земјата, портпаролите информираа дека предлозите ќе се разгледаат на првиот нареден состанок на Главниот координативен кризен штаб. Записникот треба да биде разгледан и усвоен на владина седница и за заклучокот јавноста ќе биде информирана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.