Претседателите на СДСМ, Димитар Ковачевски и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва ги спротиставуваат ставовите во првата ТВ дебата „Дуел за Македонија“ на Канал 5 телевизија.

Несоменена е европската иднина за Македонија, истакна Мицкоски, но таа е во рацете на Европската унија.

– За да преговараме за влезот во ЕУ тоа мора да е врз основа на вистински вредности и на Копенхашките критериуми. Но нема да дозволам да се дооведам во ситуацијата како од сликата од авиончето на владата на СДСМ од 2018 година. За вистински да преговараме потребно е да имаме партнер од другата страна – истакна Мицкоски на прашањето, дали владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе отвори преговори со ЕУ.

Тоа што се случи во периодот кога Ковачевски, Спасовски и на Пендаровски и останатите во владата го прифатија, беше нешто кое што граѓаните најмалку го очекуваа, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

– На тој начин не само што ја понижија Македонија и не само што ја ставија во подредена положба, туку и се обидоа да манипулираат со свеста и интелигенцијата на граѓаните гледајќи ги во очи и лажејќи ги и како свесно да работеа за интересите за Бугарија и сега го заглавија евроинтегративниот пат на Македонија – рече Мицкоски во „Дуел за Македонија”во однос на францускиот предлог.

Мицкоски посочи дека како ВМРО-ДПМНЕ јасно и прецизно кажале дека ова вака како што е конципирано за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатливо и дека уставни измени под бугарски диктат нема да има.

– Еве јавно го кажувам и директно го гледам господинот Ковачевски во очи и му кажувам дека нема да има, под овие услови, промена на Уставот – рече Мицкоски.

Ковачевски рече дека се чувствувал како да му го сечеле стомакот додека траеле мачните преговорите околу Францускиот предлог, а на Мицкоски му порача дека негова карактеристика е неодлучноста, а не загриженоста за иднината на Македонија.

„Јас бев тој кој преговараше за европскиот предлог и тие преговори не беа лесни бидејќи се одвиваа во услови на најнарушени односи со Бугарија, во времето кога јас дојдов на чело на Владата. Во текот на тие преговори минавме низ еден тежок период. Јас сум кажал и ќе повторам, моето чувство во тие моменти беше како некој со нож да ми го сече стомакот. Меѓутоа на крајот на денот вие мора да донесете одлука, одлука за иднината и за визијата на државата“, истакна Ковачевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.