Во последните месеци случајно или не повеќемина политичари, аналитичари и новинари во Македонија по прашањето на спорот за идентитетот, историјата и македонското малцинство кој го отвори Бугарија, а кој што процес во овој период не е пред очите на јавноста, настапуваат со теза која во најмала рака може да се нарече чудна.
Бранат нешто што не е нападнато. Кажуваат дека би подржале нов договор или анекс договор со Бугарија, па дури и промена на уставот доколку Бугарија прифати и даде (писмена) гаранција дека ќе задржиме нешто што Бугарија всушност воопшто не го бара, па дури и напротив, нејзините највисоки претставници кои се занимаваат со македонското прашање јавно говорат дека тоа не го спорат. Тоа е тезата дека за Македонија било најзначајно да се зачува името на јазикот, поточно дека нашиот јазик е македонски и дека ние сме Македонци и имаме македонска историја.
Но, Бугарија одамна се согласува со тоа. Тие во изјавите велат дека не се спротивставуваат на фактот дека ние сме Македонци, дека македонската нација е реалност, па дури и дека говориме македонски јазик (во официјалните документи бараат да стои “согласно уставот”, но во усните интервјуа често и тоа го изоставуваат) – пишува поранешниот премиер Никола Груевски во својот последен фејсбук статус во кој посочува три актуелни теми.


Во првата тема која се однесува на спорот со Бугарија тој додава:

Она што тие го бараат е поврзано со историјата на создавањето на нацијата и јазикот а не со тоа како денес ги именуваме, со историјата каде за пресвртна точка го земаат 2.август 1944 година кога е одржано првото заседание на АСНОМ и кога се донесени првите документи на кои се темели државноста на Македонија.
Според тоа, да бидам попрецизен, нивните барања се да прифатиме дека до тој момент, до тој датум Македонците се чувствувале и се пишувале, односно се декларирале како Бугари, јазикот кој го говореле бил бугарски јазик, или дијалект на бугарскиот јазик и историјата на овој народ кој живеел на просторот на денешната независна држава Македонија (дел од нив сеуште се живи), до тој момент била бугарска историја. Ништо од тоа не било така, но тоа се нивните барања.
Во изјавите на нивните највисоки државни претставници, во последните години јасно говорат во многу наврати дека само ова го бараат и јасно објаснуваат дека прифаќаат дека реалноста денес е дека ние се чувствуваме Македонци и дека јазикот го нарекуваме македонски. Во последно време го отворија и прашањето за заштита на бугарското малцинство во Македонија нагласувајќи ја потребата за промена на уставот и впишување на Бугарите помеѓу другите етнички заедници или делови од народи, а истовремено отфрлаат не само можност за признавање на македонското малцинство во Бугарија, туку и политичка партија не дозволуваат да се регистрира во која би доминирале оние кои нели не постојат.
Јасно е дека ни треба деблокирање на нашиот пат кон ЕУ, нормализација на односите со соседна Бугарија и јасно е дека ако има договор ќе треба да се постигне некаков компромис.
Но, не е во ред во нашите придобивки од тој компромис да вбројуваме нешто што не е барање на другата страна и за кое Бугарија не спори.
Не е во ред да создаваме лажна слика на лажни односно непостоечки придобивки и непостоечки успех.
Да не ја потценуваме интелигенцијата на македонскиот народ. Македонија е негова држава, на народот а не на мал број политичари и тој народ треба да знае што се прифаќа и што се добива од тоа и да се согласува со тоа.
Треба реално и искрено да се постават и објаснат работите без трикови и измами од страна на било кој.

Пендаровски да не води партиски битки од позиција на претседател на држава

Втората тема за која пишува Груевски во својот фејсбук статус се однесува на изјавата на Стево Пендаровски каде тој е споменат, а поврзана со Љубомир Фрчковски и неговата пресуда за кривично дело клевета.

Стево Пендаровски деновиве објаснувајќи го својот потег за испраќање на Љ.Фрчковски за амбасадор во Мисијата во ООН, изјави дека Фрчковски бил “осуден за кривично дело во време на режимот на Груевски”, и додаде “…а ние знаеме како беше тогаш”.
Без да навлегувам во исправноста на неговата одлука за испраќање на Фрчковски за амбасадор, само ќе ја потсетам јавноста дека Фрчковски беше тужен од моја страна во време кога бев премиер за јавно изречена клевета, бидејќи напиша колумна во весникот “Дневник” во која подробно, јасно и недвосмислено тврдеше дека јас кога бев министер во владата на Љубчо Георгиевски сум потпишал некакви два анекси на договорот со Окта, со што се причинила некаква голема финансиска штета за земјата. На судењето од него беше побарано да го поткрепи истото со некаков доказ кој тој ниту го имаше, ниту би можел да го има, бидејќи такво нешто не се случило. Па така неговата одбрана се сведе на индиректно признание, тврдејќи дека со клеветата против мене која тогаш сѐ уште беше кривично дело со можност дури и за казна затвор (подоцна можноста за затворска казна за клевета ја отстранивме од Законот), тој сакал само да испровоцира јавна дебата на темата и со тоа да се проверело и утврдено дали навистина има такви анекси – пишува Груевски.

Тој вели дека откако Фрчковски индиректно признал дека не постоеле такви анекси за кои ја лажел јавноста, судијата му доделил парична казна која директно на на Груевски отишла на сметката на Домот за деца без родителска грижа во Скопје. На првата моја посета на експремиерот на Домот за деца вработените му ја покажале кујната и другите работи кои ги набавиле од тие средства.

Тоа беше време кога судството секако имаше слабости, какви што имало и претходно и секогаш, но ни приближно не беше како денес, кога е ставено во функција на партијата на власт, која 5 години врши брутален политички прогон, со огромен број политички затвореници, пратеници и други лица од поранешната власт по притвори, огромен број луѓе кои неправедно со години се малтретираат по судови со конструирани обвиненија, па некои од нив до толку измалтретирани и скршени, како и под силно и повеќе годишно интензивно влијание од врбувано и исто така обвинето лице од обвинителството, за да ја скратат агонијата, почнаа да се спогодуваат и да признаваат вина која всушност не постои и ја немаат. Тоа беше време неспоредливо со денешното во кое на повеќе луѓе кои извршувале некакви политички функции во минатото повеќе држави долгогодишни членки на ЕУ како Унгарија, Шведска и Грција им издадоа политички азил заради констатиран од страна на нивните државни и судски институции политички прогон во Македонија, меѓу кои и на мене како политички прогонуван поранешен премиер на Република Македонија. Така што, Стево Пендаровски наместо од позиција на претседател да води партиски битки и да го штити СДСМ и неговите партиски мотивирани одлуки, нека се сврти прво околу себе да си види на каква држава и влада тој е денес претседател, да види каков режим денес постои и како неговата партија преку судот и обвинителството ги прогонува неистомислениците слично, а понекогаш и побрутално од времето на 1949 година – стои во статусот на Груевски.

Писмото кое Обвинителството забрани Стојановска да го предаде во Суд

Третата тема се однесува на случајот Плацеви на Водно, или како што пишува експремиерот на Македонија „за ново фаќање на дело на измамите на обвинителството во еден од случаите кои ги водат против него“.

За оние кои ја следат и ги интересира темата, а во истиот од погоре контекст, после десетици и стотици презентирани ситуации на политички прогон на власта преку правосудниот систем кој го контролира и кој е инструмент во нејзините раце за прогон на нестомислениците ќе се навратам на уште еден детаљ, а кој е поврзан со конструираниот судски случај наречен „Плацеви Водно”.

Имено, неодамна на 21.јануари 2022 година, во фб статус повторно презентирав доказ со кој т.н. сведоци на партиското обвинителството кои се ангажирани под сериозна уцена и притисок во овој предмет, во кој нема ниту еден материјален доказ, а нивните изјави се контрадикторни со кои се покажа како функционира власта. Сведокот на обвинителството Тања Стојановска со која не се познавам, секретарка на Александар Ивановски исто така уценет сведок со кого едвај два или трипати во животот сум се сретнал на службен состанок и една случајна средба во присуство на поголем број други луѓе, откако под притисок во сведочењето кажа дека не добила никакво писмо од мене, презентирав јавно доказ од ДХЛ дека примила едно писмо кое очигледно под притисок на Обвинителството го сокрила. Подоцна повторно и испратив писмо по ДХЛ кое според објавата на ДХЛ одбила да го прими, а на 21. јануари 2022 година го презентирав и тоа во фб објава. Но потоа, ДХЛ согласно нивните интерни процедури преку е маил ме контактираше и побара упатство како да постапат со непримената пратка и дали да ми ја вратат или да ја уништит. Јас побарав претходно да направат нов обид за достава, па така по неколку обиди Тања Стојановска го прими писмото.

Но, истото писмо повторно по сугестија на Обвинителството не е приложено до нив, а со тоа и до судот, иако ДХЛ веднаш објави дека пратката е примена, за што подолу презентирам доказ од нивната електронска објава која може и да се провери дека конечно доставата е реализирана -посочува во својот статус Груевски.

Бидејќи до денес никаде не ја слушнал дека писмото е доставено до судот, ја објавува содржината.

За потсетување на оние кои следат, но подзаборавиле, Тања Стојановска е сопственик на два помали стана кои ги имам изнајмено а за кои таа тврди дека нејзиниот шеф Александар Ивановски и рекол дека ги купил за мене, а самиот тој во изјавата во судот кажа дека тој мислел дека ги купува за мене, дека јас никогаш такво нешто не сум побарал од него, туку дека така му рекло трето лице, кое пак во судот негираше дека имало такво нешто. Додатно истиот кажа дека едниот стан го купил со негови пари и никогаш никој не му дал пари, со што станот, исто како и земјиштето од околу 2700 мкв се и денес негови, а за вториот стан од 40-тина метри квадратни кажа дека од некаде дошле пари ама не наведува ни од каде, ни од кого, ни како, ни никаков елементарен детал, за да може тоа судот да го провери, а одбраната да го побие. Сепак на прашања на адвокати истото лице во судот одговори дека јас никогаш ниту сум побарал да ми купи стан ниту сум му дал пари за стан. Во една таква ситуација судот е под притисок да донесе осудителна пресуда и да ги запленува двата помали стана на Александар Ивановски кои со потпишан договор за закуп ги изнајмив, а кои се водат на име на Тања Стојановска – негова секретарка, без ниту еден материјален или било каков доказ прикажувајќи ги како мои станови. При проверките на уплатите на фирмата што го купила земјиштето утврдено е дека во таа фирма не се внесува и пари во готовина и дека не сам јас или лице поврзано со мене не уплатиле таму пари, туку и никој од Македонија не уплатил пари на фирмата која го купила земјиштето. Сопственичката на еден од становите кој го продала под притисок кажа дека го продала станот на некои луѓе на Груевски (неименувани), за подоцна во истата изјава да каже дека всушност не знае дали тоа биле мои луѓе ниту пак се сеќава кои биле тие луѓе и додава дека мене лично никогаш не ми го понудила станот ниту до неговата продажба воопшто ме имала сретнато и уште попрецизно дека воопшто ме немала запознаено до тој момент – коментира Груевски.

—————————————————————————
17.01.2022 година
За г-ѓа Татјана Стојановска,
На 1ви февруари 2021 години преку ДХЛ Ви испратив писмо, кое според евиденцијата од ДХЛ сте го примиле на 8ми февруари. Товарен број на испратената пратка е 2369843593.

Во писмото, како што знаете (бидејки според евиденцијата на ДХЛ сте го примиле ова писмо), Ве потсетив дека со вас имам потпишано два договора за закуп на два стана на улица ***************** во Скопје и тоа становите под број ** кој се води на име на фирма во Ваша сопственост и каде Вие сте управител (ДГИ ИТК Инжињеринг груп) и број ** кој се води на Ваше лично име, првиот со површина од 67 мкв а вториот со површина од 46мкв. Исто така во тоа писмо Ве потсетив дека едниот договор е потпишан на 03.Септември 2018 година а вториот на 14.Септември 2018 година, и двата договори се потпишани за закуп во период од пет години и постои клаузула со која поради вложените инвестиции во двата стана, висината на инвестицијата се одбива од месечната кирија во период предвиден со тој договор.

Со обзир дека веќе беше истекол периодот во кој се одбиваше месечната закупнина на закупените станови од вложените средства во инвестицијата во двата стана, согласно тој договор требаше да продолжам со редовно месечно плаќање на закупнината, согласно двата договори. Заради таа цел, во тоа писмо Ве замолив да ме известите на кои банкарски сметки да Ви бидат плаќани месечните закупнини. Со обзир на моето отсуство од дравата, Ве замолив известувањето да го испратите на мојата лична е маил адреса ***************** . Како алтернатива посочив дека известувањето можете да го пратите писмено или лично на мојата сопруга Боркица Груевска на адреса *****************Скопје, 1000, или на нејзината е маил адреса ***************** .

За жал во изминатите месеци не доставивте такво известување заради што бев оневозможен редовно да ја плаќам закупнината на двата стана согласно утврдените услови во договорот потпишан од моја и од Ваша страна.

Од овие причини, со ова писмо уште еднаш Ве молам на истите горе споменати адреси, а примарно на мојата лична е маил адреса посочена погоре, да ја доставите информацијата за Вашата банкарска сметка, со цел исполнување на моите договорни обврски.

Од медиумите дознав дека во Вашето сведочење во судот наводно имате изјавено дека овие два станови, како и едно земјиште на Водно со површина околу 2.700 метри квадрарни, иако на име на Вашата фирма, односно на Ваше име, не биле Ваши и дека лицето Александар Ивановски побарало да тој ги купи на Ваше име, односно на име на од Вас регистрирана фирма, со негови пари, и дека тогаш наводно Ве информирал дека биле наменети за мене, односно дека во иднина јас сум требало да станам нивен сопственик.

Доколку не е точно дека вака сте изјавиле, Ве молам да не го земете во вид тоа што подолу ќе го наведам, а се однесува на тоа што прочитав дека сте изјавиле.

Но ако така сте изјавиле, а и со оглед дека не сретнав од Ваша страна деманд на напишаното за вашата изјава, Ве информирам дека јас никогаш со никого, вклучувајки го и лицето Александар Ивановски не сум разговарал за такво нешто. Не е точно и преставува лага и невистина тоа кое наводно сте го изнеле во судот а Ви го кажал како информација лицето Александар Ивановски.

Не навлегувам во Вашите меѓусебни односи, ниту пак во неговите мотиви по кои се водел за да Ви каже такво нешто, инаку како што дознав тој е Ваш работодавач и во време кога становите и земјиштето се купени од Вас и Вашата фирма, каде Вие сте управител, не го ни познавав лицето Александар Ивановски, а ниту Вас Ве познавав. Но, со оглед дека помеѓу нас, за едниот стан Вие, а за другиот стан Вашата фирма како закуподавачи и јас како закупувач, е склучен меѓусебен договор за закуп, како што Ви е познато јас сум должен, но и Вие имате обврска да ми овозможите да вршам исплата на закупнина за да се остваруваат не само обврските, но и правата од закупот.

Со обзир дека Вие не ме известивте за бараните податоци во моето прво писмо до Вас од 01 фебруари 2021 година, примено од ваша страна на 08 фебруари 2021 година, со ова мое второ обраќање до Вас, по втор пат барам да ме известите за Вашата и банкарската сметка на Вашата фирма, за да ги исполнам стасаните и следни мои обврски по закупот.

Во спротивно, доколку во рок од 15 дена не ме известите на погоре наведените адреси, ќе сметам дека немате воља за понатамошно продолжување на договорот за закуп и Ве замолувам да ми овозможите разумен отказен рок за предавање на двата стана во Ваш посед.
Во ваков случај молам писмено да ме известите на истите горни адреси, кога и на кое лице да биде извршено примопредавање на становите, испразнети од луѓе и ствари со сите припадоци извршени според договорот за закуп.
Со почит,
Никола Груевски



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.