Поранешниот вицепремиер и поранешен министер за надворешни работи, Никола Димитров, во гостувањето на Тема на денот во Дневникот на Сител, обелодени дека со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, имал чести несогласувања околу тоа да има јасно споменување на македонскиот јазик во одговорите на „5+1“.
Димитров изјави дека инсистирал во македонските одговори на „5+1“ да биде ставена точката за јасно споменување на македонски јазик, но дека во интерните координации тоа не било лесно. Поради таквите несогласувања со Османи, Димитров вели дека во два наврата се заканил со оставка со цел да спречи да се прифатат бугарските барања без прифаќање на точката за македонскиот јазик.
Тој појасни дека токму тоа што по неговото заминување од Владата нема кој да се бори за прашањето за македонскиот јазик во интерните координации, одлучил јавно да се обрати и да ја алармира јавноста.
Во нашите одговори на принципот „5+1“ инсистирав да се стави една наша точка којашто вели „Бугарија се обврзува да одобри преговарачката рамка каде што ќе биде македонскиот јазик чисто наведен, да има прва меѓувладина конференција, а прашањата билатерални со Бугарија да ги мониторираме во рамките на Советот за стабилизација и асосцијација согласно предлогот на ротирачките претседателства, пред се на португалското претседателство“.
Не беше едноставно да изградиме заедничи став таа точка да биде внатре. За мене, без таа точка немаше никаква логика да даваме одговори само за работите што и се битни на Бугарија. Бидејќи успеав во тоа се разбира дека ја поддржував таа заедничка позиција.
Со министерот многу често имавме различни илсења на кординациите. Од тоа што го видов на таа дебата дали да биде нашата точка внатре или не, како и претходни дебати, а немајќи внатре кој да се заканува со оставка, затоа што сега не сум внатре да го берам гајлето, чувствувам должност да соопштам на јавноста дека сите ние ќе мора да го береме гајлето. Затоа што не сум сигурен дека ќе има некој внатре кој ќе го прави тоа што јас го правев, да биде пречка за лош договор. Затоа решив да го кажам ова јавно за заштитните механизми што беа внатре да ги изградиме сите – изјави Димитров.
Тој додаде дека смета оти целата јавност треба да биде побудна околу ова прашање затоа што, како што истакна, постигнувањето добро решение е поважно од судбината на оваа или која било друга влада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.