Се случи првата отстапка од Софија за Скопје. Јавниот сервис – Бугарската национална телевизија (БНТ) за вечерва во ударен термин најавуваше дека одново ќе го емитува документарниот филм насловен „Само затоа што беа Бугари“, филмот произведен пред повеќе од две децении во кој се пренесуваат сведоштва за ликвидации на Бугари во Македонија во текот на јануари 1945 година.

По најавата за емитувањето на филмот, во политички кругови во Софија имаше кментари дека БНТ, ја саботира посетата на премиерот на Севрна Македонија, Димитар Ковачевски, па и новиот пристап што сака да го промовира бугарскиот премиер Кирил Петков, објави „360 степени“.

Сепак, доцна попладнето на официјалната веб-страница на Бугарската национална телевизија ја снема најавата за овој документарец, а БНТ објави дека во тој термин ќе емитува друг филм.

– Тие луѓе кои се стрелани тука, сите беа Бугари и сите беа видни луѓе“.

– Зошто ги убија тие луѓе?

– Ги убија само затоа што беа Бугари.

– 6 јануари 1945 г. Го нарекуваат Крвав Божик, затоа што не само тука, во околината на Велес, туку и Куманово, Скопје, Штип, Битола и други градови во Вардарска Македонија се потресени од масовни убиства за коишто и денес малку се знае – се дел од сведоштвата и новинарската нарација во документарецот „Само затоа што беа Бугари“.

Со темата од документарниот филм е поврзано едно од т.н. пет плус едно прашање – она за бугарското барање за рехабилитација на жртвите на комунизмот.

Во денешното интервју, пак, за бугарската телевизија БТВ, министерот за надворешни работи на Македонија, Бујар Османи, потсети на Декларацијата што македонското Собрание ја донесе во 2006 година со извинување до семејствата на жртвите на комунизмот и вели дека државата сега е подготвена да ја реафирмира таа декларација, но и да дозволи пристап до архивите, отворање на поединечни случаи, па дури и нивно судско процесуирање, ако тоа го дозволуваат законите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.