Бугарската амбасада во Скопје испратила нота до македонското министерство за надворешни работи, во која изразува длабоко жалење за како што велат, вандализмот по заедничката прослава на 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Во соопштението на бугарското МНР се вели дека по церемонијата во црквата Свети Спас биле скинати тробојните ленти од венците кои бугарската делегација ги положила на гробот на револуционерот.

Во нотата се наведува дека овој чин не придонесува за духот на добрососедството и напорите на двете страни за интензивирање на билатералниот дијалог.

Бугарската страна инсистира надлежните органи во Македонија да ги идентификуваат и казнат сторителите.

Вечерва стигна и реакција од македонското МНР, во која најостро се осудува ваквиот чин за време на прославата на годишнината од раѓањето на Делчев.

Министерството за надворешни работи на Република Македонија остро го осудува вандалскиот и немил инцидент кој се случи на денот на обележувањето на 150 годишнината од раѓањето на нашиот најистакнат револуционер Гоце Делчев, кој беше извршен од членови на навивачки групи, кои на нецивилизиран начин ги отстрануваа лентите од венците кои беа положени од страна на бугарските официјални претставници за време на оддавањето почит на гробот на Гоце Делчев.

За овој настан, министерството за надворешни работи официјално ја извести  Република Бугарија дека  надлежните институции на Македонија веќе ги презедоа сите потребни чекори и постапки со цел откривање на сторителите на овој немил инцидент, преку кој се прави обид да се фрли сенка на обележувањето и чествувањето на смртта на Гоце Делчев, на неговиот гроб, но и на угледот на нашата држава и на делегациите од Бугарија кои учествуваа на овој свечен чин на чествување  на оваа голема историска личност, значајна за сите нас.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.