Ние како пратеници на Европскиот сојуз за промени информираме дека наш кандидат за член е Адбуш Демири кој ги исполнува сите критериуми, изјави на денешната прес-конференција во Собрание пратеникот Фадил Зендели од Беса.

Посочи дека изборот на член од албанската опозиција е релевантен и неопходен.

Свесни за важноста од фер и демократски изборен процес, а загрижени за транспарентноста и независноста на процесот, како и нагласувајќи го фактот дека во моментов во оваа комисија нема член од албанската опозиција сметаме дека изборот на нашиот кандидат за член на ДИК е легитимен, релевантен и неопходен. Како резултат на тоа очекуваме изборот на кандидатот на албанската опозиција за член на ДИК да не биде узурпиран за какво било политичко пазарење, туку да се обезбеди застапување на нашите интереси во оваа комисија за да се избегнат какви било манипулации и сомневања во изборниот процес – порача Зендели.

Тој одговорајќи на новинарско прашање рече дека немаат информација дали Алијансата за Албанци исто така има поднесено предлог кандидат.

Не знаеме дали имаат предлог, треба службите да имаат информација, тие се оние кои ги оценуваат кандидатите и условите кои ги исполнуваат кандидатите, но тоа не е наш проблем затоа што законот е многу јасен. Законот јасно укажува каква е поделбата на Државната изборна комисија, во моментот има четворица членови од мнозинството, три членови има опозицијата, значи недостасува еден член од опозицијата, јасна е ситуацијата дека ние сме парламентарна група од опозиција и законот е јасен и недвосмислен за какви било манипулации – посочи Зендели.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.