Ученици-основци од Кавадарци ќе собираат пари за уредување на училишна библиотека во кавадаречко Возарци. Активностите се во рамки на проектите за промоција на хумани вредности.

– Ученици од од училиштето „Страшо Пинџур”, здружени под мотото „Обединети срца“ имаат микро проект за собирање средства за отварање и уредување на училишна библиотека во училиштето во селото Возарци, како приоритетна цел во нивното истражување. Преку различни активности како еко-квиз, литературен и ликовен конкурс, изработка на првоаприлиски маски заедно со корисниците на услуги во Центарот за лица со попреченост „Порака“, планираат да ги соберат потребните средства, изјави Димитар Каракулев, претседател на Црвениот крст во Кавадарци.

Тој потсети дека во рамки на годишната програма на Црвениот крст ЦКА-ПХВ ( Црвен крст во акција – промоција на хумани вредности) наменета за млади волонтери, Црвениот крст Кавадарци учествува со шест микро проекти што ги изработија младите кои доаѓаат од сите основни училишта во општината и треба да ги довршат до крајот на април. Учениците се под менторство на Даниела Лазовска, која ја следи и координира реализацијата на сите активности.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.