Театарската претстава „Ништо не е страшно” во режија на Златко Митрески и Македонка Илиевска вечерва ќе биде изведена во Кочани како дел од Драмскиот театарски фестивал ДАФ. Претставата е резултат на работилници што се реализираа во текот на целата година и е последниот дел од целогодишната кампања за инклузија на лица со интелектуална попреченост во културата со наслов „Мене ништо не ми пречи”.

Во претставата учествуваат лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП Порака Скопје и ученици со типичен и атипичен развој од училиштата од Општина Ѓорче Петров.

Претставата е создадена по текстови на Алан Бол, Олга Токарчук, Милан Кундера, Михаил Булгаков, Фјодор Михајлович Достоевски, Вилијам Шекспир, Давид Албахари, Сања Михајловиќ-Костадиновска и Златко Митрески.

Оваа претстава низ една забавна игра, со елементи на мистика, трилер, на моменти во хорор жанр, како и црн хумор се занимава со цикличноста на животот и смртта. Еднаквоста на типичното и нетипичното кое што се раѓа и умира на ист начин, но сепак додека е живо се третира како непознато, различно, маргинализирано. Претставата е создадена во процес и анализа врз темата за смртта со ученици за кои беше една табу тема, од една страна, но од друга страна доста поучна и забавна, се наведува во најавата за претставата.

Во претставата ќе играат Никола Огненовски, Виолета Дојчиновска, Лара Бошковиќ, Дино Рамо, Трајанка Петреска, Ана Беќарска, Жаклина Велковска, Христина Димовска, Марија Тасевска, Илина Ристовска, Катарина Ристовска, Стефан Бјелиќ, Сандра Миовска, Ема Петреска, Јасен Угриновски, Стефанија Добреска, Матеа Пејчиновска, Јана Ламбевска и Матеа Геровска.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.