Фестивалскиот репертоар на 63-тото „Охридско лето“ вечерва ќе донесе концерт на Франк Дупре Триото од  Германија и изложба на фотографии од Александар Томовски.

Во стандардниот фестивалски термин од 21 часот, во црквата „Света Софија“, триото составено од Франк Дупре на пијано,  Јакоб Круп на контрабас и Оби Јене на тапани ќе изведе дела  од Николај Капустин, Морис Равел и  Леонард Бернштајн.

Полни со љубопитност и виртуозност, со леснотија и изразена емпатија, тројцата меѓународно познати уметници од триото на Франк Дупре лесно успеваат да ги надминат наводните жанровски граници.

Претходно, во 19 часот и 30 минути во Предворјето  на црквата „Света Софија“ ќе биде отворена изложба на фотографии со наслов „Над кулисите“ од Александар Томовски.

Томовски е роден 1985 година во Скопје.Тој е софтверски инженер, но и фотограф и филмаџија. „Над кулисите“ (Above the curtains) претставува колекција фотографии која во континуитетот го следи авторот и неговите фасцинации од сцената на Националната опера и балет, доближувајќи нѐ до балетот и балерините доловени од птичја перспектива.

Во 2022 година ја отвори својата прва самостојна изложба насловена: „Над кулисите“, во Младински културен центар – Скопје, а во мај годинава во фоајето на Националната опера и балет се претстави со изложбата „1001 приказна“ во рамки на фестивалот „Мајски оперски вечери“.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.