Во организација на гевгелиската библиотека „Гоце Делчев“, вечер во Народниот театар во Гевгелија ќе бидат одбележани 50 години творечка кариера на македонскиот писател, книжевен историчар и критичар проф. д-р Васил Тоциновски.

За творештвото на Тоциновски ќе зборува проф. д-р Славчо Ковилоски.

Настанот, под покровителство на Општина Гевгелија, ќе биде отворен од директорот на библиотеката Стефан Марковски, а е во рамки на Програмата за чествување на 7 Ноември – Денот на ослободувањето на Гевгелија.

Васил Тоциновски е меѓу најплодните современи македонски автори. Неговиот авторски опус е сочинет од над 120 книги од сите области, од кои 65 дела од областа на белетристиката и науката, 66 редакции и избори од македонското книжевно и публицистичко наследство и 22 енциклопедии, учебници, прирачници и зборници, каде се јавува како автор или коавтор. Во домашната и странска периодика публикувал над четиристотини книжевно-историски студии и над 650 есеи и критики.

Тоциновски има голем придонес за развојот на македонската книжевна историја, особено проучувањето на македонскиот книжевен 19 век, откривањето и дефинирањето на улогата на поединечни дејци, како Атанас Раздолов, Богдан Сираков и други, како и историјата на македонскиот литературен кружок во Софија. Добитник е на голем број значајни награди за своите достигнувања во науката и книжевноста.

Бил професор на 1244 студенти по македонистика на Филозофскиот факултет во Риека, ментор на голем број трудови посветени на македонската литература, јазик и култура. Тој е актуелен секретар за активности во земјата на Друштвото на писателите на Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.