Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска и утре (23 и 24 мај), како член на државно-црковната делегација предводена од претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, престојува во Италијанската Република и Светиот Престол по повод чествувањето на светите Кирил и Методиј.

Костадиновска-Стојчевска, во рамките на културната програма за чествување на манифестацијата „Денот на свети Кирил“, денеска (23 мај) во салата „Балдини“ во Рим ќе присуствува и ќе има обраќање пред концертот на реномираниот тенор Благој Нацоски, кој ќе настапи со пијанистот Алесандро Д‘Агостини. На програмата се дела од: Страдела, Хендл, Хајдн, Фирфов, Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Благој Цанев… Ќе бидат изведени стихови од: Владо Малески, Блаже Конески, Славко Јаневски, Ацо Шопов.

Во рамките на чествувањето на светите Кирил и Методиј, во киното „Тицијано“ на 24 мај ќе биде прикажан документарниот филм „Медена земја“ во режија на Тамара Котевска, чие претставување е на иницијатива од Македонската амбасада во Рим и Асоцијацијата „Жени дипломати“ при МНР на Италија (АЦДМАЕ).

Костадиновска-Стојчевска како дел од државно-црковната делегација ќе присуствува на аудиенцијата кај поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост папата Франциск, а ќе положи и венец на спомен-плочата на македонски јазик. Државно-црковната делегација ќе ја посети базиликата „Сан Клементе“, каде што ќе се одржи молебен во чест на св. Кирил, со кој ќе чиноначалствуваат митрополитите г. Пимен и г.Јосиф.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.