Во Маруби – Националниот музеј за фотографија во Скадар, беше отворена изложбата „Јанаки и Милтон Манаки“. Оваа изложба е прва соработка помеѓу Државниот архив на Република Македонија – Одделение Битола и Музејот Маруби, а воедно и прво претставување на дел од архивското наследство на браќата Манаки во Албанија.

Куратор на изложбата беше д-р Лучијан Бедени – директор на Музејот Маруби, а координатори на соработката беа Гоце Стојановски – раководител на Одделение Битола и Димитар Ѓорѓиевски – соработник за средување и обработка на архивски материјал во Одделение Битола.

Изложбата беше концептуално осмислена околу темата за миграциите на населението на Балканот во 20. век и етнографските конекции меѓу различни народи како и дискурзивно читање на сведоштвата за ритуали кои укажуваат на културната интимност помеѓу народите на Балканот.

Оваа културна соработка е дел од активностите во рамките на летната програма KulArt 2023 на Министерството на Култура на Република Албанија во соработка со Државниот архив на Република Македонија. Исто така, на оваа колаборација претходеше Меморандум за соработка потпишан помеѓу директорите на двете институции.

„Ни претставува огромна чест и задоволство што земаме дел од регионални процеси на културно поврзување и соработка низ која се истакнува поширокото културно-уметничко значење на архивското наследство. Изразуваме честитки до тимот на Музејот Маруби за успешниот настан и за срдечното гостопримство“, истакнуваат од Државниот архив Битола.

На денот на отворањето на изложбата, делегација од ДАРСМ – Одделение Битола присуствуваше во Музејот Маруби и можеше подетално да се запознае со тимот на музејот, кој со нашиот колектив ги сподели своите искуства за создавањето на изложбата, како и за процесот на создавањето на Музејот Маруби, методологиите кои ги користат за чување, истражување и презентација на нивната фотографска збирка.

Изложбата во Албанија ќе биде поставена до 5- ти ноември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.