Судски совет на полноќ ќе одлучува да му го одземе имунитетот на врховниот судија фатен како прима мито.  Уапсениот судија има право да се повика на судиски имунитет за кој одлучува Судскиот совет на седница на Советот со мнозинство гласови од вкупниот број членови со право на глас.

Доколку му е одземен, може да му биде одредена мерка притвор. Бидејќи за делото за кое со сомничи е пропишана затворска казна до пет години, согласност за притвор мора да даде Судски совет. За дела за кои лице е затечено на лице место и за кои е пропишана казна над пет години, не треба согласност.

Претходно денеска беше соопштено дека полицијата уапсила судија од Врховен суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело.

Од МВР дополнуваат дека се чекаат понатамошни насоки од надлежен јавен обвинител.

Според последните информации станува збор за судија со иницијали Н.Г., кој бил фатен со 10.000 евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.