Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија, заедно со Факултетот за драмски уметности во Скопје и НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ги промовира книгите „Среќните луѓе не слават родендени“ од македонскиот автор Сашо Кокаланов и „Животот на литературната класика“ од бугарскиот автор Пламен Тотев.

Во четвртокот (11 јануари) во Малата сала на Центарот за култура во Куманово, литературните дела беа претставени од Сашко Насев, Петар Андоновски, Стојан Синадинов и Нове Цветановски. Петокот (12 јануари), пак, Бифето на ФДУ беше исполнето со почитувачите на литературата на Кокаланов и Тотев.

Проф. д-р Сашко Насев, директор на КИЦ во Софија, во неговите инспиративни воведи на двете книжевни вечери потсети на еден од најголемите писатели на српски јазик во втората половина на 20. век, Данило Киш, и неговата идеја од крајот на 80-те години – книжевноста на јазиците на Балканот да се обедини по примерот на латиноамериканската литература. Посочувајќи ја јавната дипломатија како (нај)посакуван модел, Насев посочи дека иднината треба да ги сруши сите ѕидови на Балканот, градејќи мостови кои ги поврзуваат литературите, уметноста и културите на народите.

Писателот Петар Андоновски потенцираше дека Тотев за помалку од една деценија издал повеќе дела на македонски автори на бугарски јазик од сите други издавачи по Втората светска војна! Цветановски, пак, потсети на иницијалната идеја, кога Тотев ги превел и издал романите на шест млади македонски писатели на бугарски јазик.

Стојан Синадинов го посочи иновативниот пристап на Кокаланов – неговата „матична куќа“ е ФДУ, каде што е професор по филсмо и ТВ сценарио – во неговиот шести роман, „Среќните луѓе не слават родендени“, во кој ги преплетува филмскиот и книжевниот медиум во оригинално четиво, налик на филм во еден кадар, или, пак, романескно четиво во еден здив.

извор: рацин.мк



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.